Градежни активности на патот Катланово-Петровец. Фотографија: „Слободен печат“/Весна Дамчевска

Сагата со автопатот Катланово-Петровец нема крај: Пак се вози цик-цак, истекла хемикалија

Автопатската делница Катланово – Петровец почна да се гради во 2020 година. Имаше застој од една година и се избра нов изведувач. Целата делница се пушти во употреба во октомври 2024 година. Сега повторно има проблем

Веќе неколку недели на дел од автопатот од Катланово кон Петровец има градежни работи. Возилата по овој пат пак одат цик-цак. Од 2020 година возачите мака мачат да ја поминат релацијата, патувањето се одолговлекува, но наплатната рама кај Петровец не престанува да се крева и да се спушта, а инкасаторот да наплаќа пари за автопат што всушност не е во функција.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Слободен печат“ изјавија дека причина за работите на пат е истурена хемикалија.

– На делот од автопатот Катланово – Петровец има повторно градежни активности од причини што минатата година при редовен теренски увид евидентиран е инцидент со истурена хемикалија на одредена должина на левиот коловоз при што се оштетени околу 2,5 км од автопатот. Земени се мостри од неидентификуваната хемикалија и асфалтните јадра што беа дадени за понатамошна лабораториска анализа, а инвеститорот (ЈПДП) и Надзорниот орган побараа од Изведувачот да изготви Технички предлог за санација на оштетената асфалтна површина. Согласно со техничкото решение ќе се изврши поправка на асфалтот и ќе се изведе нов слој на асфалт – велат од ЈПДП.

Според јавното претпријатие, вкупната финансиска импликација на активностите ќе зависи од вкупниот обем на работа и бројката за потрошените пари ќе се знае по изведената работа. Изведувач е истата фирма што беше избрана по пат на тендер, „Макимсан“.

На 23 септември 2020 година, јавното претпријатие за државни патишта ја започна реконструкцијата на автопатската делница Петровец – Катланово на патниот Коридор 10. Станува збор за 5,2 километри од едната и 5,2 километри од другата страна на автопатот. Градежните активности опфаќаа обнова на двата коловоза и проширување. Се спроведуваа преку Програмата за изградба и одржување на патиштата  на ЈПДП, а средствата се обезбедени од ЕБОР. Првичната информација за обновата и проширувањето на делницата беше дека таа ќе чини 6,3 милиони евра, за да последната биде 10,5 милиони евра. Делницата требаше да биде готова до крајот на 2023 година, но една година имаше пауза, а во летото 2022 година беше раскинат договорот со изведувачот „Бетон“ оти не се почитуваше динамиката за работа.

– Поради енормно слабиот прогрес на работите и пробивањето на рокот, бевме доведени во ситуација да го раскинеме договорот, оти истиот не беше почитуван. Распишавме постапка за избор на нов изведувач. Таа е завршена и имаме избрано нов изведувач. Тој би почнал со работа во 2024 година, според временските услови – кажа на почетокот од 2023 година, тогашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски.

Потоа, на тендер се избра турската компанија „Макимсан“.

Целата делница се пушти во употреба во октомври 2024 година, но прво беше пуштена левата, па потоа десната страна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот