Логото на Јутјуб / Фото: Glyn Thomas Photography / Alamy / Profimedia

САД: Јутјуб се согласи да плати 22 милиони долари за да ја реши тужбата поднесена од Трамп

Јутјуб се согласи да плати 22 милиони долари за да ја реши тужбата поднесена од Доналд Трамп откако неговиот профил беше суспендиран по нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година, покажуваат судските документи објавени во понеделникот, пренесува Еј-би-си.

Веб -страницата за споделување видеа е една од онлајн платформите што постигна спогодба со американскиот претседател, по Мета и Икс (Твитер).

Адвокатот на Трамп истакна дека износот ќе биде исплатен во фонд кој главно ја финансира изградбата на џиновската сала за балови што републиканецот сака да ја додаде во Белата куќа.

На 12 јануари 2021 година, Јутјуб ја суспендираше сметката на Трамп, објаснувајќи дека американскиот претседател ги прекршил прописите на платформата повикувајќи ги своите поддржувачи да учествуваат во демонстрации за да го оспорат резултатот од претседателските избори во 2020 година.

На 6 јануари, стотици демонстранти го нападнаа Капитол во знак на протест против потврдувањето на победата на Џо Бајден.

Јутјуб ја врати сметката на Трамп во март 2023 година.

Мета (Фејсбук) кон крајот на јануари 2025 година се согласи да му плати 21 милион долари на Трамп, кој го тужеше за неправедно суспендирање на неговата сметка. Неколку недели подоцна, Икс му плати на американскиот претседател 10 милиони долари отштета.

„Медија Метерс“, медиумска регулаторна организација, ја нарече одлуката на Јутјуб да му исплати отштета на Трамп „срамна и кратковида капитулација“.

Анџело Карузоне, претседател на надзорниот орган, коментираше дека одлуката на Јутјуб „е еднаква на охрабрување на Трамп и неговите напори да го потисне секој спротивставен глас, принудувајќи ги медиумите и онлајн платформите да се придржуваат“, додаде тој.

Покрај тоа, многу адвокати оценија дека правните аргументи на Трамп не се доволни за судот да го оправда. Тие објаснија дека, бидејќи Јутјуб, Meта и Икс се приватни компании, ништо не ги спречува да ја регулираат содржината објавена на нив.

Покрај Јутјуб, Meта и Икс, нeколку медиумски групи, исто така, постигнаа спогодба со Трамп.

Во јули, Си-би-ес се согласи да плати 16 милиони долари за да ја повлече жалбата на американскиот претседател. Трамп ја обвини телевизиската мрежа за уредување на извадок од интервјуто што Камала Харис ѝ го даде во средината на изборната кампања.

Во декември, Еј-би-си се согласи да му плати на републиканецот 15 милиони долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот