
Русија ослободи наставник од САД кој беше осуден на 14 години затвор за марихуана
Американскиот наставник Марк Фогел, кој служеше 14-годишна затворска казна во Русија за поседување марихуана, денеска бил ослободен во размена, соопшти Белата куќа, според Радио Слободна Европа.
Препорачано
Руската полиција го уапси Фогел во 2021 година, по пристигнувањето во Москва, поради поседување медицинска марихуана за која тој тврдеше дека му е препишана по операција на грбот.
Фогел, кој предаваше во Англо-американско училиште во руската престолнина, не беше вклучен во претходните размени на затвореници помеѓу САД и Русија.
„Денес, претседателот Доналд Трамп и неговиот специјален пратеник Стив Виткоф можат да објават дека г-дин Виткоф го напушта рускиот воздушен простор со Марк Фогел”, се вели во соопштението.
„Претседателот Трамп, Стив Виткоф и советниците на претседателот преговараа за размена која служи како покажување на добра волја од страна на рускиот народ и знак дека се движиме во правилната насока за да се стави крај на бруталната и ужасна војна во Украина”, се додава во соопштението.
Белата куќа не наведе кого ослободиле Соединетите Држави во замена за Фогел.
Во август 2024 година, Русија, САД и неколку други земји ја извршија најголемата размена на затвореници од крајот на Студената војна, ослободувајќи 16 луѓе, вклучувајќи ја и новинарката на Радио Слободна Европа, Алса Курмашева.
Меѓу ослободените беше и новинарот на Вол Стрит Џурнал (Wall Street Journal) Иван Гершкович и извршниот директор за корпоративна безбедност, Пол Вилан.
Осуммина Руси тогаш беа испратени дома.