марија захарова
Принтскрин

Русија ја повика Полска да ја повлече својата одлука за затворање на границата со Белорусија

– Русија ја повикува Варшава што поскоро да ја преиспита својата одлука за затворање на границата меѓу Полска и Белорусија, изјави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Захарова оцени дека најавата на полските власти за затворање на границата вечерва е деструктивен чекор, пренесува РИА Новости.

„Очигледно е дека конфронтациските чекори што ги презема полското раководство се подредени на една задача – да ја оправдаат политиката на понатамошно ескалирање на тензиите во центарот на Европа. Едностраните дејствија на Полска ќе предизвикаат сериозна штета на нејзините меѓународни партнери кои ја користат полско-белоруската граница за трговија“, рече таа.

Захарова истакна дека ограничувањата воведени од полските власти ги поткопуваат основните хуманитарни принципи, првенствено слободата на движење на луѓето.

„Жителите на пограничните региони на Полска и Белорусија се лишени од можноста да одржуваат традиционално блиски семејни врски и човечки контакти. Апелираме до Варшава да размисли за последиците од ваквите деструктивни чекори и што е можно поскоро да ја преиспита одлуката“, изјави Захарова во писмена изјава објавена на официјалната веб-страница на министерството.

Полска одлучи целосно да ја затвори границата со Белорусија во ноќта помеѓу 11 и 12 септември на неопределено време, од безбедносни причини, по повод руско-белоруските воени вежби „Запад 2025“, објавија полските власти претходно денес.

Границата ќе биде затворена и за автомобилски и железнички премини.
Руско-белоруските воени вежби ќе се одржат, како што е најавено, од 12 до 16 септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот