
Русија го изврши најголемиот напад врз гасните капацитети во Украина
Русија во текот на изминатата ноќ го започна „најголемиот напад“ врз постројките за производство на гас во Украина од почетокот на инвазијата во 2022 година, користејќи 35 ракети и 60 дронови, објави денеска украинскиот државен оператор Нафтогас.
Препорачано
Руската војска објави дека извршила „масовни напади со високопрецизно оружје“ врз воено-индустриските компании во Украина, „гасната и енергетската инфраструктура што го поддржува нивното функционирање“.
Русија ги напаѓа украинските енергетски капацитети, особено електричната енергија, од 2022 година, но од минатата зима тие особено ги таргетираат постројките за производство на гас.
„Непријателот го изврши најголемиот масовен напад врз инфраструктурата за производство на гас од почетокот на војната“, се наведува во соопштението на Нафтогас.
Русија ги таргетираше постројките на компанијата во регионот Харков, на североисток, и централниот регион Полтава. Украинската армија уништи само дел од ракетите.
„Значителен дел од нашите објекти се оштетени. Дел од штетата е критична“, рече извршниот директор на групата, Сергеј Коретски, на Фејсбук, осудувајќи го „намерниот терор“ на Москва врз цивилните објекти.
Тој додаде дека ова не се „воено значајни“ цели, туку дека нападите имаат за цел да им го оневозможат греењето на жителите на Украина.