Марко Рубио / Фото: EPA-EFE/CARLOS LEMOS

Рубио во посета на Тел Авив по израелскиот напад врз сојузник на САД

Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Израел во понеделник, со цел да ги намали тензиите со другите регионални сојузници на Вашингтон по израелскиот обид за атентат врз лидерите на Хамас во Катар и брзата експанзија на населбите во окупираниот Западен Брег, пренесува Н1.

Според „Гардијан“, во разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Рубио ќе се обиде да ги избалансира критиките за израелскиот воздушен напад врз зграда во Доха, во кој беа убиени соработници на лидер на Хамас и офицер за безбедност на Катар, со порака за општа поддршка за Израел, пред очекуваното формално признавање на Палестина од неколку сојузници на САД, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција, Канада, Австралија и Белгија.

„Очигледно, не сме задоволни од тоа. Претседателот не беше задоволен од тоа. Сега мора да продолжиме напред и да видиме што ќе се случи“ им рече Рубио им рече на новинарите пред да замине во неделата.

Владата на Нетанјаху се обиде да го минимизира своето несогласување со администрацијата на Трамп во врска со нападот во Доха, додека останува пркосен во врска со нападот.

„Имаме многу близок дијалог со администрацијата. Координирани сме со нив и, релативно кажано, американскиот одговор беше разумен. Тие изразија резерви во Советот за безбедност на ОН, но беа минимални. Пресметавме дека ќе има цена. Катарците се обидуваат да го искористат тоа. Од нивна страна, тие го искористуваат овој инцидент. Од наша страна, испративме јасна порака дека ќе ги гониме терористите насекаде“, изјави амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, за израелското воено радио.

На прашањето дали е загрижен за заканите на израелските официјални лица за извршување на повеќе напади во Катар, Рубио рече: „Ќе се сретнеме со нив. Ќе разговараме за тоа што носи иднината. Ќе добијам многу појасна слика за нивните планови.“

По Израел, Рубио ќе му се придружи на Трамп во планираната посета на Велика Британија оваа недела, која наводно треба да ја прими првата група ранети и болни деца од Газа на лекување.

Според соопштението од канцеларијата на израелскиот премиер, додека е во Ерусалим, Рубио ќе го посети Западниот ѕид со Нетанјаху, .

Невидениот израелски напад врз лидерите на Хамас во луксузен кварт во Доха во вторникот го означи првиот таков напад од страна на Израел врз американскиот сојузник Катар, дополнително ги оптоварувајќи дипломатските напори за посредување во прекин на огнот во Газа, која е разорена од војната, и привлекувајќи меѓународни критики.

Трамп јавно го прекори Нетанјаху за нападот, чија цел беа лидерите на Хамас собрани да разговараат за нов предлог за прекин на огнот, предложен од САД.

Нетанјаху ја бранеше операцијата, велејќи во саботата дека убивањето на високи функционери на Хамас ќе отстрани „голема пречка“ за завршување на војната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот