Фото: Архива

Рокот за наплата на долгови е најмногу 15 години, порано беше во недоглед

Рокот на застареност за давање на предметот на извршител е 5 години, а потоа тече рокот за наплата од 10 години. Кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.

Многу недоумици и коментари предизвикаа измените на Законот за облигациони односи. Главниот момент што беше истакнат од предлагачот, но и од владејачката СДСМ, е дека се скратува рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката. Но, како што објаснуваат правните експерти, крајниот рок во кој еден долг може да се наплати е до 15 години, затоа што едно е во кој рок може да се поведе постапката за извршување, а друго е рокот во кој извршителот може да презема дејства до конечна наплата на долгот. Така, рокот на застареност за давање на предметот на извршител е 5 години, а потоа тече рокот за извршување од 10 години. Новите рокови важат и за веќе започнатите предмети.
Иако, и овие законски измени сè уште изгледаат застрашувачки за граѓаните, сепак новото законско решение е многу поповолно од претходното. Во Законот е предвидено и дека кога „износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“.

Снежана Калеска-Ванчева од СДМ објаснува дека во минатото немало краен рок на извршување, па така тоа можело да трае во недоглед.

– Со измените се скрати општиот рок на застареност од 10 на 5 години. Тоа значи дека, ако има побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука, рокот за поднесување на барање за присилна наплата сега е до 5 години. Значи, ако имаме правосилна судска одлука од 1 јануари 2023 година, барање за извршување може да се даде до 1 јануари 2028 година, а потоа почнува да тече нов рок од 10 години, што се нарекува апсолутен рок на застареност. Секако, може да се даде барање за присилна наплата порано од крајниот рок до 5 години, на пример за правосилната судска одлука од 1 јануари 2023 година да се даде по три години на 1 јануари 2024 година. И оттогаш пак течат 10 години рок за извршување – објаснува Калеска-Ванчева, која зад себе има и долгогодишна адвокатска кариера.

Она што го разликува сегашното законско решение од поранешното, покрај скратувањето на рокот за застарување на доставување барање од 10 на 5 години, е и што извршувањето мора да заврши за 10 години.

– Порано во рамките на тие 10 години извршителите можеа да преземаат разни дејства, но немаше краен рок кога можеше да се изврши наплатата, па според таквата регулатива тоа би можело да се случи и по 50 години. Сега, ако извршителот не го наплати долгот во рок од 10 години откако го примил барањето, по тој рок не може да изврши наплата – објаснува Калеска-Ванчева.

Досега постоеја многу поплаки за „воскреснати“ предмети од минатото и за огромните камати и трошоци што многукратно ја надминуваат основната сума на долгот. Граѓаните особено беа затечени со стари сметки за струја, уште од поранешното Електростопанство на Македонија, пред да се приватизира дистрибуцијата.

Граѓанските активисти направија многубројни протести против извршителите, но и против правната рамка која, како што велеа, ги носи граѓаните во должничко ропство.

Предлогот за измени и дополнувања на Законот за облигациони односи беше даден од група пратеници, а во образложението за потребата од новата регулатива беше потенцирано дека со досегашната имало злоупотреби. На пример, се користел рокот на застареност од 10 години, така што некој предмет се вадел од фиока откако таму стоел 9 години и 11 месеци, а му течела камата. Во однос на рокот на извршување од 10 години како што пишува во законското образложение за прецизирање на одредбата, досега не било јасно дали извршната исправа застарува за 10 години, како апсолутен рок на застареност, или пак, во постапка за извршување настапува прекин на застареност и таа одново почнува да тече во зависност од секое дејство на извршителот.

Инаку, во 2021 година со измени и дополнувања на Законот за облигациони односи се замрзнало течењето на договорната камата до износот на главницата, но не и на казнената камата, што е направено со новите законски измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот