
Ристоска го демантира Мицкоски: Не земам за два до три пати повисока плата и не ми ја одредува државниот обвинител со Правилник
Обвинителката за врски на Македонија во Европравда, Ленче Ристоска, го демантира премиерот Христијан Мицкоски и тврди дека никогаш не зела повисока плата од редовната, платата не ѝ ја одредува државниот обвинител со Правилник и е единствениот обвинител кој работи од сопствената држава. Нејзината реакција следува откако Мицкоски на брифинг со новинарите во петокот тврдеше дека имало пракса претставникот во Европравда да прима ненормално висока плата.
Препорачано
-Сакам да ги демантирам невистинитите наводи на премиерот изнесени на брифинг со новинари дека цитирам „праксата покажала два до три пати поголеми примања за нашиот претставник во Евроџаст“. Јас како единствен обвинител за врски кој државата го имала во Европравда, никогаш немам примено поголеми примања надвор од мојата редовна плата како обвинител во ОЈО Скопје, а камо ли два до три пати – вели Ристоска за „Слободен печат“.
Всушност таа е и единствениот обвинител за врски кој работи од сопствената држава затоа што измените на Законот за утврдување плата на обвинител во странство, никако да се донесат.
– Исто така неточно е и дека платата на обвинителот за врски ја одредува државниот јавен обвинител со Правилник. Законот е дециден дека платата на јавните обвинители се уредува исклучиво со закон. Постојното законско решение нема одредби за утврдување на плата на обвинител упатен на работа во странство, а измените на овој закон никако да се случат, поради што јас сум единствениот обвинител за врски во Европравда кој работи од сопствената држава. Сите други држави кои се дел од Европравда имаат назначено свои претставници кои работат во седиштето на Европравда во Хаг – вели Ристоска.
На брифингот со новинари во петокот на којшто се зборуваше за реформската агенда, а дел од неа се и измените на законите во правосудството, Мицкоски кажа дека иако Европската комисија бара да се зголемат платите за судиите и јавните обвинители, тие како влада се против зашто имале доверба од два процени, па затоа ќе правеле компаративна анализа колкави се платите на судиите и обвинителите во други европски земји и таа анализа ќе ѝ ја претставеле на Европската комисија.
Во овој контекст ја спомена и платата на претставникот на Европравда, за која рече дека честопати била ненормално висока и со правилник ја одредувал јавниот обвинител.
Како влада зазеле став дека кога тие ќе испрателе претставник во „Еуроџаст“ (иако обвинителката Ленче Ристоска е претставник таму) тој ќе има статус на дипломат и примањата ќе му бидат во рангот на третиот човек во нашата амбасада во Брисел.
Ристоска беше и дел од листата со тројцата кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур кои ги поминаа филтрите, но Владата без образложение ја поништи листата, состави нова Комисија и постапката почна од почеток. „Слободен печат“ го побара записникот од седницата на која била донесена одлуката затоа што владата не соопшти зошто овие тројца кандидати не ги исполнуваат критериумите, но информацијата од Влада сè уште ни ја немаат доставено.
Ристоска ги води случаие „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија како правно лице, за која се бара конфискација на партискиот имот, вклучително и на белата палата.