
Ревизорите констатирале неправилности и системски слабости во работата на гостиварскиот Основен суд
Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатира повеќе нерегуларности и системски слабости на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Основниот суд Гостивар што ја направил Државниот завод за ревизија.
Препорачано
Според наодите, во судот недостасуваат одредби за утврдување на платите на вработените кои вршат технички и помошни работи. Исто така, средствата што се издвојуваат од Буџетот за финансирање на Судската власт во 2023 година не го достигнуваат законски утврдениот минимум од 0,8% од БДП, туку изнесуваат само 0,3%.
Државниот завод за ревизија констатирал и различни услови за пополнување на едно работно место во прописите по кои работат судовите, што, смета, предизвикува дилеми и неможност за постапување, како и дека не е пропишана формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити и има неусогласеност во законската и подзаконската регулатива во дефинирањето на сопственоста на застарените депонирани предмети по истекот на десет години од нивното предавање.
Ревизорите констатирале и отсуство на документација со која ќе се потврди правото на сопственост или користење на недвижниот имот – објектот во кој е сместен судот, пописот не e спроведен согласно законската регулатива, дека поставен е систем за електронската евиденција на работно време и на прекувремената работа, но, истиот поради неисправност не се користи, како и дека не е склучен договор помеѓу институциите за процентуалното учество во трошоците од заедничкото користење на зградата.
-Активности за вршење на попис на судските депозити не се преземени, не е утврден статусот на предметите по судските депозити завршени/незавршени, со цел преземање на понатамошни мерки за истите, невоспоставена евиденција за одземените парични средства и скапоцености и други одземени предмети и неизвршен попис на истите, не е извршен надзор над севкупното материјално и финансиско работење на судот, со средствата за депозитите и депозит за гориво за службено возило е предвиден во ценовник на судот, но без наведен законскиот основ за истиот, констатира Државниот завод за ревизија.