
РЕТРО ФОТОГРАФИИ: Првата посета на кралот Чарлс III на Македонија
Во далечната 1998 година Кралот Чарлс Трети, тогаш како Принцот од Велс, престојуваше во дводневна официјална посета на Македонија, при што ги посети Скопје и Охрид. Посетата на британскиот престолонаследник се случи само недела дена по вториот круг од третите парламентарни избори во Македонија кога власта од СДСМ ја презеде коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Демократска Алтернатива.
Препорачано
Кралот Чарлс III на 8. ноември 1998 се сретна со тогашниот македонски претседател Киро Глигоров и со министерот за надворешни работи Благој Ханџиски.


Британскиот принц положи венец на воените гробишта во Скопје каде се погребани британските војници загинати во текот на Првата светска војна.

Британскиот престолонаследник ги испочитува и двете најголеми верски заедници во државата, присуствувајќи на панихидата за загинатите војници со која чиноначалствуваше владиката Агатангел, а присуствуваше и на молитва во Алипашината џамија во Охрид.
И покрај набиената политичка агенда, која вклучуваше и посета на редакцијата на Би Би Си на македонски јазик и посета на Македонската берза и средба со тогашниот директор Евгенија Зографски, тој дента замина и во Охрид каде меѓудругото го посети локалниот пазар и според фотографиите, мирисаше ливчиња од планински чај и разговараше со продавачите на пазарот. На една од повпечатлите фотографии од тоа време се гледа идниот британски престолонаследник како гледа во купот зелки и како земјоделците му се жалат за цената на нивниот производ.

Во Охрид тој се сликаше и со млади играорци кои на кралот Чарлс III му го претставија македонскиот фолклор, а уживаше и во звуците на гајдите кои пак се традиционални во Шкотска, земја дел од Обединетото Кралство.
Британскиот престолонаследник, следниот ден на 9. ноември се сретна со македонски претприемачи, а на фотографијата од сервисот ЕПА разговараше со еден од присутните менаџери на мали претпријатија – специјализиран за домашни слатки специјалитети. Овие претпријатијата беа поддржани од локалната „Know-how“ Фондација.

Кралот Чарлс Трети во рамките на својата турнеја на Балканот посети четири земји – Словенија, Романија, Бугарија и Македонија, а во Скопје допатува од Софија, каде што престојуваше од 6 до 8 ноември.