
Репортери без граници: На флотилата уапсени над 20 новинари од израелските сили
„Репортери без граници“ (РСФ) го осуди апсењето на „повеќе од 20 странски новинари“ од страна на израелските сили за време на пресретнувањето во среда и четврток на меѓународна флотила што носеше хуманитарна помош за Појасот Газа и повика на „нивно итно ослободување“.
Препорачано
„Апсењето на новинарите и попречувањето на нивната работа претставуваат сериозни прекршувања на правото на информации. РСФ го осудува незаконското апсење на медиумските професионалци кои биле на овие бродови за да известуваат за невидена хуманитарна операција“, изјави Мартин Ру, раководител на канцеларијата за кризи на невладината организација, во соопштение објавено во четврток вечерта.
Според невладината организација, околу 20 новинари од земји, вклучувајќи ги Шпанија, Италија, Франција, Турција и Катар, биле на бродот „Глобал Сумуд“.
Во среда навечер, израелската морнарица започнала со пресретнување на бродовите на флотилата откако ги предупредила своите екипажи дека влегуваат во водите контролирани од Израел.
Повеќе од 400 активисти на 41 од бродовите на флотилата се уапсени за време на операцијата што траела околу 12 часа, изјави синоќа израелски функционер.
„Различните медиуми не добија никаков одговор од своите новинари“, соопшти РСФ.
SNJ-CGT, синдикатот на работници во францускиот весник L’Humanite, кој го изгуби контактот со новинарот Емилиен Ирбас од „четврток во 3 часот наутро“, се вели во денешното соопштение, осудувајќи го „неприфатливото попречување на слободното вршење на професијата од страна на новинарот“.
„Како и другите медиумски професионалци уапсени од израелските сили, се чини дека новинарот (Емилиен Ирбас) е задржан во пристаништето Ашдод, помеѓу Тел Авив и Појасот Газа“, додаде РСФ во своето соопштение.
Од почетокот на војната во Газа, Израел не дозволи слободен пристап до палестинската енклава за странскиот печат. Само неколку медиуми влегоа во Газа, во придружба на израелските сили, а нивното известување е предмет на строга цензура од страна на војската.
РСФ изброи повеќе од 210 новинари кои се убиени од почетокот на израелските воени операции во Газа.