Убиен новинарот Анас ал-Шариф, на Ал Џезира/Фото: AFP / AFP / Profimedia

„Репортери без граници“ го осудуваат убиството на дописникот на Ал Џезира

Организацијата „Репортери без граници“ (РСФ) денес го осудија убиството, на новинар на Ал Џезира во Појасот Газа, за кое израелската армија ја презеде одговорноста.

„Анас Ал Шариф, еден од најпознатите новинари во Појасот Газа, беше глас за страдањето што Израел им го нанесе на Палестинците во Газа“, се вели во соопштението испратено до агенцијата Франс Прес, барајќи „силна акција од меѓународната заедница за запирање на израелската армија“.

„Ал Џезира“, мрежа со седиште во Катар, вчера ја објави смртта на петмина свои новинари во израелски напад во Појасот Газа. Меѓу нив е и 28-годишниот Анас Ал-Шариф, добро познат новинар на телевизиската публика, за кого израелската армија призна дека бил цел, опишувајќи го како „терорист“.

Другите загинати се дописникот Мохамед Кураика, како и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алиуа. Нивните имиња се додадени на списокот од речиси 200 новинари, според РСФ, убиени во војната започната како одмазда за крвавиот напад од страна на палестинската организација Хамас на 7 октомври 2023 година.

Според РСФ, „Советот за безбедност на Обединетите нации треба итно да се состане врз основа на резолуцијата 2222 од 2015 година за заштита на новинарите во време на вооружен конфликт“ со цел да се спречат „вакви вонсудски убиства на новинари“.

Невладината организација забележа дека поднела „четири тужби“ против израелската армија до „Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства извршени против новинари во Газа“.

Израелската армија потврди дека го нападнала Анас Ал-Шариф, опишувајќи го како „терорист“ кој „се преправал дека е новинар“.

„Тој беше водач на терористичка ќелија на терористичката организација Хамас“, одговорна „за подготовка на ракетни напади против израелски цивили и војници“, соопшти израелската армија преку Телеграм .

РСФ возврати дека овие обвинувања биле упатени „без докази“, обвинувајќи ја израелската армија за „репродуцирање на познат и докажан метод, главно против новинарите на Ал Џезира“.

„На 31 јули 2024 година, израелската армија ги уби новинарите Исмаил ал-Вул и Рами ал-Рафи во целен напад за кој ја презеде одговорноста, обвинувајќи го првиот дека е терорист“, според организацијата.

Осуда и од Обединетите нации

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права го осуди убиството на шест палестински новинари од страна на израелските сили во Појасот Газа, во соопштение објавено на мрежата Икс.

Пет новинари на Ал Џезира беа убиени, како и еден новинар-хонорарен новинар кој повремено соработуваше со локалните медиуми и беше во истиот шатор што беше цел на израелската армија.

Високиот комесар на ОН го обвини Израел за „целењее на шаторот“ каде што престојуваа вработените на Ал Џезира, што, според него, претставува „сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.

Ал Џезира објави дека петмина од нивните новинари беа убиени во израелскиот напад врз Појасот Газа, вклучувајќи го и истакнатиот новинар Анас ал-Шариф, за кого израелската армија призна дека бил цел затоа што наводно бил терорист.

Телевизискиот канал со седиште во Катар соопшти дека се чини дека станува збор за целен израелски напад врз шатор што го користат неговите новинари во градот Газа, пред болницата Ал-Шифа.

„Израел мора да ги почитува и заштити сите цивили, вклучително и новинарите“, се вели во соопштението на ОН, истакнувајќи дека најмалку 242 палестински новинари се убиени во Газа од 7 октомври 2023 година, а ОН го повтори својот повик за „непосреден, непречен пристап до Газа за сите новинари“.

ВИДЕО | Во Газа во израелски напад загина екипа на Ал Џезира, Израел тврди дека дописникот бил терорист

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот