
Реконструирани 24 километри што водат до плажите во Охрид и до Свети Наум
Забрзано тече и изградбата на автопатот Охрид – Кичево. Првите 40-ина километри од Врбјани до Охрид, со исклучок на Ботун, ќе бидат пуштени на крајот од овој месец.
Оваа сезона по нови патишта до главниот туристички центар. Заврши реконструкцијата на патот Охрид – Свети Наум, една од најфреквентните делници што води кон плажите, НП Галичица и соседна Албанија. По четири децении патот во должина од 24 километри, конечно е целосно рехабилитиран, поставена е и комплетно нова сообраќајна сигнализација, објави МРТ.
Оваа доста значајна туристичка, но и регионална делница наместа беше речиси руинирана. Со инвестиција од околу 11 милиони евра, денес е нов и безбеден пат. И охриѓани и туристите задоволни велат овој проект е од големо значење.
Препорачано
– Патуваме од Германија, дојдовме преку планината. Нагоре патот беше добар, но на некои места не е. Видовме реконструкција – забележува еден турист од Германија.
– Патиштата околу езерото се многу добри – вели гостинка од Германија.
Забрзано тече и изградбата на автопатот Охрид – Кичево. Првите 40-ина километри од Врбјани до Охрид, со исклучок на Ботун, ќе бидат пуштени на крајот од овој месец.
– Се изведува последната фаза пред асфалтирање и градежни активности на клучките Арбиново и Издеглавје. Почната е првата фаза на клучката Требениште, а интензивно се работи од Подмоље на изградба на столбови за натпатник, потпорен ѕид, како и на изградба на фекална и атмосферска мрежа – велат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Патната инфраструктура се смета за основа за развојот на туризмот.
– Без патишта нема туризам, може да ги имате најубавите атракции, ама ако се непристапни, не може да развивате туризам. Она што е важно е дека се работи и се надеваме дека пред онаа главна сезона патиштата ќе бидат спремни – вели Сашо Коруноски, професор на ФТУ Охрид.