
Реката од револт надојде, власта тешко ќе ја спречи
Протестите покажаа дека луѓето се дефинитивно незадоволни од работата на институциите и имаат огромна недоверба во институциите. Не веруваат во она што го кажуваат структурите на власта дека ќе биде направено и дека ќе биде соодветно применет законот по трагедијата што се случи во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ова е впечатокот на професорката и активист од областа на човековите права, Мирјана Најчевска, за протестот на граѓанското движење „Кој е следен?“ што се одржа во понеделникот вечерта, кога на улица излегоа илјадници граѓани, и покрај тоа што во јавноста не престана оцрнувањата на активистите, нивното поврзување со опозициските политички партии, а премиерот Христијан Мицкоски „имаше разбирање за протестите, но не и за политичките глодачи, лешинари што не сакале силна Влада на ВМРО“.
Најчевска дефинитивно гледа обид на власта да ги задуши протестите и според неа сите манипулации што се прават, дека протестите можат да бидат искористени од одредени партии и дека се политизирани, се апсолутно несоодветни за едно демократско општество.
– Да, партиите секако гледаат начин како да влезат и да добијат од тие протести и демонстрантите единствен начин на кој што може да делуваат, на кој може да вршат притисок и слично, покрај ова излегување на улица, тоа е преку политичките партии. Значи, политичките партии се онаа врата низ која може да се делува и да се врши притисок за менување на работите. Она што е најважно што го покажуваат овие протести е, прво, дека луѓето се дефинитивно незадоволни од работата на институциите, меѓутоа, уште повеќе тоа покажува огромна недоверба во институциите – вели Најчевска за „Слободен печат“.

Институциите се плашат кога чесните луѓе се здружени
Демонстрантите со повици „Правда“, „Убијци“, „Не се плашиме“, „Уа, профитери“, „Одговорност“, „Нема правда, нема мир“, „Ние сме системот“, „Цела Влада оставка“… побараа системски, суштински промени и порачаа „додека тие ги полнат џебовите, ние ќе ги полниме улиците и ќе предложиме да ги полниме сè додека не видиме вистинска промена“.
Учесниците побараа правда и одговорност.
– Собрани сме тука поради болка, неправда и трагедии што можеа да бидат спречени ако институциите си ја вршеа работата, ако одговорните сносеа одговорност и ако корупцијата не беше прифатена како нормална појава. Овде сме да им оддадеме почит на жртвите, но не сме тука само за да жалиме, тука сме и зашто сакаме промена, не козметичка, не привремена, туку вистинска, суштинска, системска промена. Често забораваме, а народ што заборава ризикува трагедиите да му се повторат. Од вечерва јасно кажуваме: нема веќе да забораваме, нема веќе молк и нема веќе страв. Институциите се плашат кога чесните луѓе се здружени, кога граѓаните бараат правда, отчетност и нов почеток, кога кажуваат „да почнеме од нула“ – рече Бленди Ходаи, еден од учесниците на маршот во кусото обраќање пред Владата.
И пред и по протестите, дел од учесниците на социјални мрежи и медиуми беа етикетирани дека се припадници на некоја од опозициските партии, дека се поврзани со поранешни функционери од опозицијата, дека сакаат да ловат политички поени на трагедијата.
– Досега не сум видел ваква организирана кампања за одбрана на властите, а со набедување на луѓето што протестираат како некакви петтоколонаши – искоментира професорот Гордан Калајџиев по протестот.
Шиканирање на активистите
Шиканирањето на активистите почна непосредно пред да заврши седумдневната жалост за трагедијата во Кочани, кога почна да циркулира снимка низ медиумите на која се гледа разговор на македонски студенти со студентка од Србија. Студентка што била на оваа средба за „Слободен печат“ реагираше на начинот на кој е прикажан контекстот и дискусијата што се водела на средбата.
– Во јавноста се шират неточни информации за нашата група, вклучувајќи тврдења дека сме имале состаноци со странски активисти и дека постои политичка или надворешна поддршка. Вистината е поинаква, разговорот што се спомнува беше обична средба со студентка од Србија, која сподели свои искуства без никаква политичка агенда. Жалиме што клипот беше пресечен и изваден од контекст, со недовршени реченици што создаваат сосема поинаков тон и поинаква слика од вистинската намера – тврдеше студентката.
Една недела по трагедијата и објавувањето на снимката по социјалните мрежи, почна да се шират информации дека собирот на Студентскиот пленум се откажува, за потоа да стигне демант дека собирот ќе се одржи и мала група луѓе на дождливото време се собраа во Градскиот парк за да им оддадат почит на загинатите во Кочани.
Непосредно пред протестот на иницијативата „Кој е следен?“, претставник на Независниот студентски сојуз на УКИМ порача дека седницата на пленумот, која беше јавно најавена, не е отворена за новинари, кога со разглас излезе пред платото на Универзитетот и упати апел кон медиумите да го напуштат настанот и нагласи дека пленумот ќе се одржи зад затворени врати, без присуство на новинари. Сите овие случувања со студентите создадоа забуна меѓу граѓаните кој сè организира протести и кој стои зад протестите.

Страв од дронови
Пред завчерашниот протест, „Кој е следен?“ соопшти дека е граѓанска иницијатива која не е поврзана со ниту една политичка партија.
– Многу е битно да се разграничи партизирање од политизирање. Ние сме активни граѓани, сакаме да останеме тука, да живееме во Македонија, но да е безбедно, бараме одговорност, безбедност и транспарентност и затоа протестираме – изјави Милена Јаневска од граѓанското движење.
Според неа, планови за понатамошни протести нема. „Кој е следен?“ нема лидерство и принципот на функционирање е „еден човек, еден глас“.
– Очекуваме транспарентност од истражните органи и поддршка од медиумите, очекуваме одговорност од сите поврзани со кочанската и со сите претходни трагедии. Изразуваме целосна поддршка до медицинскиот кадар и сите вклучени во истрагата. На улица сме затоа што треба да се слушне гласот на народот, секој револт на граѓаните е оправдан – порача Јаневска.
Најчевска смета дека тоа што граѓанската иницијатива има листа на барања е добро и, според неа, овие барања треба да се повторуваат додека не се исполнат.
– Тоа е она што треба да се повторува одново и одново, треба да биде прифатено од медиумите што ќе го шират и на некаков начин да пробие во соодветните структури институции преку опозициските и други партии што ќе ги постават тие барања на дневен ред пред Собранието, Владата и слично – вели Најчевска.
Уште додека траеја деновите на жалост, студентите се собраа на платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, но на настанот се појави и зборуваше министерката за образование Весна Јаневска, што од здружението „Студентски отпор“ беше осудено, како и однесувањето и на ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, која исто така се обраи пред студентите. Организаторот на настанот, Универзитетското студентско собрание на УКИМ, ден подоцна се извини за говорите на Јаневска и Ангелова.
– Наместо седумминутен молк и достоинствено оддавање почит, како што бараа студентите, ректорката и министерката одлучија да држат говори. Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција – рекоа тогаш од Студентски отпор.
Протести со инциденти по трагедијата имаше и во Кочани, а револтот на младите што ги кршеа кафулињата, ги смируваше свештено лице „во името на Бога“. Пред погребите во Кочани и во Штип, како и пред завчерашниот протест во Скопје, власта забрани снимање и летање со дронови на овие градови.