Мудис / EPA/ANDREW GOMBERT

Рејтингот падна, долгот расте: Може ли Америка да се извлече?

Мудис им ја одзеде највисоката кредитна оценка на САД поради растечкиот јавен долг, структурниот буџетски дефицит и политичката неспособност да се спроведат фискални реформи. Ова ја зголемува цената на задолжување за САД и го разнишува нивниот статус како „сигурен“ глобален кредитор. Иако доларот сè уште доминира, довербата во фискалната стабилност на земјата е сериозно нарушена.

Соединетите Американски Држави повеќе не се носители на највисоката кредитна оценка AAA кај ниту една од трите водечки светски агенции за кредитен рејтинг. Последната агенција која „го сврте палецот надолу“ е Мудис, која неодамна ја намали оценката на американската федерална влада од AAA на A1, наведувајќи структурни фискални слабости, енормна задолженост и политички застој како главни причини. Претходно, Стандард и Пурс уште во 2011 година ја намали оценката, додека Фич го направи истото во 2023. Оваа трета по ред деградација претставува клучен сигнал до глобалните пазари: дури и најголемата економија во светот може да ја изгуби својата репутација како „совршен“ должник.
Мудис предупредува дека буџетскиот дефицит на САД веќе достигнал 6,4% од БДП во 2024 година, и доколку не се преземат радикални мерки, до 2035 година овој процент може да скокне на 9%. Вкупниот јавен долг надмина 36 трилиони долари, што претставува 124% од американскиот БДП, ниво што е значително повисоко од речиси сите останати развиени економии. На пример, Германија и натаму ја задржува највисоката оценка AAA, со јавен долг од околу 62% од БДП и буџетски дефицит од само 2,8%, додека Австрија, пак, која исто така претрпе критики за фискалната дисциплина, има рејтинг AA+ и долг од околу 82% од БДП. Тоа значи дека САД сега официјално се на ниво со економии кои имаат послаби фискални темели и немаат светска резервна валута во свои раце.

Една од клучните грижи на Мудис е нагло растечкиот трошок за камати. Во 2025 година, американската влада ќе потроши над 1 трилион долари само за сервисирање на долгот – сума која веќе е повисока од вкупните буџети за одбраната и здравството. Иако државните приходи се стабилни, федералната влада континуирано троши повеќе отколку што собира, при што изостануваат значајни фискални реформи. Дополнително, многу од зголемените трошоци се структурни – социјалните програми и медицинската заштита на стари лица бележат драматичен раст, особено поради стареењето на населението. Истовремено, одредени даночни олеснувања воведени во 2017 година за време на првата администрација на Доналд Трамп, особено за најбогатите Американци, ја влошија приходната страна на буџетот. Иако администрацијата повторно се обиде да ги продолжи тие олеснувања во форма на ново даночно законодавство, истиот предлог беше неодамна одбиен од републиканскиот буџетски комитет на Претставничкиот дом, што уште еднаш го истакнува фискалниот ќор-сокак во Конгресот.

Финансиските пазари веќе реагираа. Приносот на 10-годишните обврзници се зголеми на 4,56%, а кај 30-годишните веќе се пробива нивото од 5%, што е највисоко од 2007 година, пред глобалната финансиска криза. Тоа значи дека американската влада ќе плаќа значително повисоки камати при издавање на нови обврзници, а индиректно и приватниот сектор ќе се соочи со повисоки камати на хипотеки, студентски кредити и потрошувачки заеми. Дополнителен ризик за инвеститорите е и растечката инфлација која е повторно во пораст поради заострувањето на трговската политика на администрацијата на Трамп, вклучително и новите царински тарифи кон Кина.

Од Вашингтон следуваше предвидлива политичка реакција. Белата куќа преку портпаролот Куш Десај директно ги нападна процените на Мудис, тврдејќи дека агенцијата молчела додека фискалниот хаос се развивал во изминатите четири години под управата на Бајден. Според нив, сегашната администрација на Трамп ја „исправа штетата“ и ги презема неопходните мерки за да го намали буџетскиот дефицит. Меѓутоа, економистите, вклучувајќи и некои во самата агенција, сметаат дека ваквите обвинувања се делумно политички мотивирани, бидејќи и двете партии, и демократите и републиканците, со години не успеваат да постигнат договор околу долгорочна фискална консолидација. Проблемот, велат аналитичарите, е системски, секој политички циклус го одложува решавањето на прашањата околу приходите, трошоците и долгот.
И покрај овие сериозни фискални слабости, САД и натаму имаат неколку клучни предности што ги одвојуваат од другите економии со сличен рејтинг. Доларот останува глобална резервна валута, а побарувачката за американски државни обврзници е сѐ уште силна – особено во услови на геополитичка нестабилност или финансиски шокови. Централната улога на Федералните резерви во глобалниот монетарен систем исто така ја стабилизира позицијата на земјата. Сепак, оваа „привилегија на доларот“ не е неограничена. Според податоците од MMФ, уделот на доларот во глобалните девизни резерви паѓа – од 70% во 2000 година на околу 58% денес. Тоа значи дека довербата се намалува, а со неа и капацитетот на САД безболно да се задолжува.

Намалувањето на кредитниот рејтинг е повеќе од симболичен чин, тоа е економска порака, предупредување и повик за акција. Пазарите можеби нема веднаш да ја напуштат американската длабока и ликвидна обврзничка индустрија, но ова е почеток на крајот на една ера во која САД беа сметани за апсолутно сигурен кредитор. За да ја задржат макроекономската стабилност и глобалната лидерска позиција, американските политички елити ќе мораат конечно да се соочат со фискалната реалност и да покажат подготвеност за структурни реформи, дури и по цена на краткорочна политичка непопуларност. Во спротивно, AA1 може да биде само една станица на патот кон уште пониски оценки и поголема фискална криза во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот