
Речиси секое четврто семејство има проблеми со загревање на домот
Во контекстот на зелениот преод, без соодветни политики и мерки, постои ризик енергетската сиромаштија да се продлабочи, бидејќи трошоците за енергетска ефикасност, обновливи извори и инфраструктура можат да имаат значителен финансиски импакт за домаќинствата, предупредува Европската агенција за животна средина, во делот за Северна Македонија
Енергетска сиромаштија и понатаму е голема грижа, со приближно 23,85 проценти од домаќинствата во земјата што се засегнати од неа. За споредба, средната вредност во земјите на Европската унија (ЕУ-27) е 7,5 проценти. Овој висок процент значи дека речиси една од четири фамилиите во Северна Македонија имаат проблеми да обезбедат доволно енергија за основните потреби, какви што се греење, ладење, осветлување и други услуги дома, пишува во најновиот извештај Европската агенција за животна средина.
Препорачано
Овој проблем се поврзува со социјалните нееднаквости, бидејќи енергетската сиромаштија се јавува почесто во домаќинства што се економски ранливи.
„Земјата мора да се справи со социјалните нееднаквости за да обезбеди фер транзиција. Иако коефициентот Џини покажува мало подобрување, нееднаквоста во приходите останува над просекот на ЕУ-27. Во комбинација со високата енергетска сиромаштија, ова ја истакнува важноста на политиките што им даваат приоритет на ранливите групи. Социјално инклузивната зелена транзиција е од витално значење за да се обезбеди дека нејзините придобивки се распределуваат еднакво низ сите заедници“, пишува во Извештајот.
Оттаму потенцираат дека во контекстот на зелениот преод, без соодветни политики и мерки, постои ризик енергетската сиромаштија да се продлабочи, бидејќи трошоците за енергетска ефикасност, обновливи извори и инфраструктура можат да имаат значителен финансиски импакт за домаќинствата.
Енергетската сиромаштија во минатото била уште поголема, достигнувајќи го врвот во 2019 година кога била 33,1 отсто, а тогаш во ЕУ била 6,9 проценти.
Помошта годинава е 680.000 евра
Летово Министерството за енергетика врз основа на Законот за енергетика ја донесе Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, a во насока на унапредување на енергетската заштита и поддршка на граѓаните што се соочуваат со социјални и здравствени предизвици. Со оваа Програма се обезбедуваат 4,3 милиони денари (околу 680.000 евра) од државниот буџет, наменети за директна финансиска поддршка за најзагрозените категории граѓани.
– Програмата има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за оние на кои им е најпотребна. Средствата се наменети за директна финансиска поддршка за домаќинства што живеат во енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и на оние што користат гарантирана минимална помош – велат од Министерството за енергетика.
Корисници на оваа програма се домаќинствата што остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси, како и домаќинства во кои живеат лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепи или потполно глуви лица. За оваа втора категорија, Програмата предвидува месечна поддршка во висина од 1.000 денари, што директно ќе се одбива од фактурите за потрошена електрична енергија, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци. Финансиската поддршка се доделува според принципот најниски приходи, се до исцрпување на средствата. Распределбата на средствата ќе се врши во согласност со специфичните потреби на целните групи: 2,3 милиони денари се наменети за домаќинства со лица со тешка интелектуална попреченост, 19 милиони за домаќинства со најтешка телесна попреченост, 9 милиони за домаќинства со потполно слепо лице и 12 милиони денари за оние со потполно глуво лице.
– Програмата предвидува и дополнителни мерки за олеснување на енергетскиот пристап, вклучувајќи ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет во отстранување на дефекти и мерки против исклучување поради неплатени сметки во зимскиот период. Со ова се гарантира дека ниту едно домаќинство кое се соочува со социјален или здравствен ризик нема да остане без основна енергетска поддршка – велат од Министерството.
Нова методологија
Минатиот месец Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар беше потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и да објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.
„Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика.“ истакна Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Пензионерите самци најмногу изложени
Во колективните станбени згради, пензионерите самци се изложени на најголем ризик од енергетска сиромаштија. Ова се должи делумно на нивните претежно пониски приходи и пропорционално големиот простор за живеење што го имаат и кој треба да се загрее или разлади.
До овој заклучок е дојдено во Проектот „Енергетската сиромаштија во станбените згради во постсоцијалистичките региони“ финансиран од ЕУ, кога е направена е голема анкета есента 2020 година.
„Енергетската сиромаштија има повеќе лица. Мерењето со различни индикатори открива различни фактори за енергетска сиромаштија и ги покажува различните групи што страдаат од неа. Некои луѓе се изложени на недоволен топлински комфор, додека други се повеќе погодени од димензијата на ценовна достапност на енергетската сиромаштија“, пишува во Извештајот од Проектот.
Анкетата во земјите од Југоисточна Европа покажала дека најсилните фактори за енергетската сиромаштија, без разлика кој индикатор се користи, се нискиот приход, постарата возраст и големината на просторот за живеење по лице.