
Речиси 19.000 деца се убиени во израелските напади, ниту едно место во Газа веќе не е безбедно за децата
Најмалку 18.885 деца се убиени во Појасот Газа од почетокот на воената операција на Израел пред речиси две години, соопшти денес владата во Газа, со што вкупниот број на загинати Палестинци изнесува повеќе од 62.000.
Препорачано
Обединетите нации предупредија дека ниту едно место во Газа повеќе не е безбедно за децата, објави Ал Џезира.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) објави дека училиштата под нејзино покровителство станале засолништа за стотици илјади цивили, но тие самите постојано биле погодени од израелски напади.
УНИЦЕФ објави дека во изминатите пет месеци од војната, во просек биле убиени повеќе од 540 деца месечно. Во последните напади, израелските сили вчера убија најмалку 51 Палестинец, вклучувајќи осум лица во близина на место за дистрибуција на помош во Јужна Газа.
Најмалку уште 12 цивили беа убиени во Кан Јунис и Деир ел-Балах во напади врз шатори за раселени лица. Нападите особено се интензивираат во градот Газа, каде што израелската армија го окупираше предградието Зејтун и ја бомбардираше блиската населба Сабра. ОН истакнува дека хуманитарната криза се продлабочува – повеќе од 100 деца и 150 возрасни починаа од глад и потхранетост од јуни поради израелската блокада на помошта. И покрај ескалацијата, дипломатските напори за прекин на огнот се во тек.
Катар објави дека Хамас прифатил предлог за 60-дневно примирје и размена на затвореници. Предлогот вклучува ослободување на 10 израелски заложници и телата на 18 мртви, во замена за 200 палестински затвореници и поголема хуманитарна помош. Израелската влада сè уште не одговорила официјално.
Медиумите наведоа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не е подготвен да се согласи на делумен договор и инсистира на ослободување на сите израелски затвореници.