
Реална, а не декларативна политичка волја за напредок во унапредувањето на правата на ромската заедница
Минатата година со помош на активни мерки за вработување од Оперативниот план за активни програми биле опфатени вкупно 481 Роми од кои 157 се вработени преку мерките кои водат до директно вработување како што се Субвенционирање на плати, Самовработување со доделување на грант и вработување и раст на правни субјекти, додека традиционално низ годините може да се констатира дека најголем број од Ромите се вклучени во мерките за работно ангажирање како што се јавни работи и општинско корисна работа и во 2022 година во овие две мерки биле вклучени вкупно 185 Роми.
Препорачано
Обраќајќи се на денешниот настан посветен на политиките за Роми во Република Северна Македонија под наслов „Стратегија за Роми, тек и следни чекори”, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска додаде дека освен финансиска поддршка за Ромите е обезбедена и менторската поддршка во рмки на програмата за поддршка за самовработување – претприемништво како и поддршка за самовработување со здружување на корисници во ДОО
Една од целните групи на корисници на оваа мерка Тренчевска истакна дека се и невработени лица Роми – мажи до 60 години и жени до 58 години.
Во однос на прашањето за лицата со кои се неевидентирани во матичната книга на родени министерката истакна дека тоа е предизвик нотиран уште од 2011 година и дека тоа е прашање на кое Владата работи со цел негово побрзо решавање, што со сигурност ќе ги унапреди правата на лицата од ромската заедница.
Ромската заедница и во историска и во актуелна перспектива е нераскинлив дел од нашиот мултикултурен мозаик. За жал, кога говориме за Ромите во последниве три децении, ние дискутираме за базичните проблеми на луѓето, проблем со пристапот до вода, до електрична енергија, соодветна инфраструктура, квалитетно образование и здравствени услуги, висока невработеност и за ограничен пристап до правдата, рече претседателот на државата Стево Пендаровски во своето обраќање.

Загрижувачката состојба во која со децении се наоѓа поголемиот процент од ромската заедница, посочи Пендаровски, укажа на потребата од усвојување и спроведување на таргетирани политики со цел надминување на таквиот статус.
Соочени со сите овие проблеми како држава воспоставувавме механизми со дефинирани цели за унапредување на положбата на ромската заедница, зад нас имаме усвоено две стратегии за инклузија на Ромите во 2005-та и во 2016 година, имаме донесено национални акциски планови, а минатата година е усвоена и новата стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030. Реално, овие механизми дадоа скромни резултати, бидејќи постојат многу структурни недостатоци кои влијаат на секојдневниот културен и општествен живот на ромската заедница, подвлече Пендаровски.
Најзначајно, според него, е да се издвои Буџет за политиките за Роми и да постои реална, а не декларативна политичка волја за да постигнеме прогрес во унапредувањето на правата на ромската заедница и на нивниот квалитет на живот, а со тоа и севкупен просперитет на Република Северна Македонија.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање потсети на залагањата за Ромите ширум Европа во текот на изминатите години.
Во текот на изминатите години многу се направи ширум Европа за да се заштити културата на Ромите, јазикот и почитувањето на основните права на Ромите. Како и да е, сиромаштијата, дискриминацијата и ексклузијата што историски влијаеја врз Ромите се уште се видливи низ земјите во Европа, во Европската Унија но и пошироко, вклучувајќи ги и земјите што водат преговори, како што е ситуацијата и овде, рече Гир.

Посочи дека ЕУ препознава многу тешкотии и дискриминација во поглед на економскиот живот со којшто се соочуваат Ромите но Унијата и презема чекори за да се реши ова, вклучително и финансиска помош, како и програмите што се спроведуваат, во рамки на ЕУ но и надвор.
Тој нагласи дека е потребно да се стави фокус на прашањата како што се недискриминација, сместување, право на образование, право на работа, граѓански организации и при тоа треба да се премине од иницијативи на ЕУ и конференции кон конкретни чекори.
За да се реши ова прашање потребна е акција од ЕУ, но исто така и од сите партнери за да се унапредат човековите и општествените права и да се сузбие нееднаквоста, да се тргнат предрасудите, да се прифати разноликоста како предност. Затоа Стратегијата за проширување на ЕУ бара сите земји да подготват стратегии, национални акции и акциски планови за вклучување на Ромите, како што е случај со вашата земја, рече Гир.
Истакна дека Европската Комисија ја фокусира својата поддршка на еднаквост, вклучување и учество, образование, вработување, здравствени услуги и сместување на Ромите со препораки како за земјите-членки така и за земјите што сакаат да станат членки и сето тоа поддржано со практични чекори исто теренски акции.