денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Реалистите станаа гулаби, а идеалистите јастреби

Европските политичари одбиваат да се соочат со суровата реалност на нуклеарната ера во која живееме. Токму на тоа предупредуваат реалистите – дека оваа војна меѓу големите сили би нѐ пеплосала сите.

Во теоријата на меѓународната политика, реалистите размислуваат за безбедноста, силата, интересите и војната како вечни придружници на човековото општество. Во центарот на нивните анализи е анархичната структура на меѓународното општество на држави. Меѓународната политика, за нив е „истата проклета работа одново и одново“: вечни војни, оружје, рамнотежа на сили и мир само како „пауза“ меѓу два судири. Идеалистите, пак, веруваат дека и меѓународното општество на држави се менува кон подобро, токму како и домашното.

За каузата на мирот се борат меѓународните органи кои на политички и економски план поврзуваат еден нов свет на меѓузависни држави. Значи, по правило, реалистите се јастреби, додека идеалистите гулаби. Но, не повеќе: денес, по прашање на украинската војна улогите се сменети. Идеалистите, во Черчилијанска поза на пркос и со современа верзија на неговите зборови се за војна до победа против Русија. За нив меѓу Путин и Хитлер нема разлика. „Ќе се бориме на плажите, ќе се бориме на боиштата, ќе се бориме во полињата и на улиците; никогаш нема да се предадеме…“, му порачуваат тие на Путин.

Некни, ја проследив долгата дебата помеѓу професорот Џон Мершајмер, претставник на она што се нарекува „офанзивен реализам“ и долгогодишниот шведски политичар, нам познатиот, Карл Билт. Професорот е „плашлив“ пред помислата за нуклеарен судир и бара повлекување. Политичарот е „неустрашив“ и непопустлив во својата порака: на уценувачот со нуклеарна бомба од Москва не смее да му се попушти, зашто нема да има крај на неговите идни барања за обнова на руското царство. Професорот му објаснува дека проширувањето на НАТО во Украина е причината за војната, а не империјалните планови на Путин. Дека Русија заканувачки ја доживува близината на идните американски воени бази и реагира како што би реагирала секоја друга голема сила. Таа близина ја чувствува за „егзистенцијална закана“ и, во случај да почне да губи со конвенционално оружје, ќе употреби нуклеарно. Тоа може да доведе до светска војна. Ако Русија употреби нуклеарна бомба во Украина, Америка нема веднаш да одговори, вели „бестрашниот“ Билт, а светското и руското јавно мислење ќе се свртат против режимот на Путин и ќе го срушат. Мершајмер се согласува дека Америка веднаш не би прифатила нуклеарна војна со Русија дури и таа да фрли бомба врз Украина. Ама, бомбата ќе биде веќе фрлена, заклучува резигнирано реалистот Мершајмер. Идеалистот Билт само крева раменици. Би кревал ли раменици ако бомбата, колку и да е мала, би била фрлена врз Шведска? Се сомневам.

Како што покажа средбата на Алјаска, уцената на Путин со нуклеарна војна ако НАТО влезе во Украина успеа. Доналд Трамп не сака да направи прав и пепел од Америка и ги обнови односите со ривалската голема сила. Старо-новиот претседател на Америка го призна фактот дека проширувањето на НАТО со Украина е причината за војната. Реалистите ќе речат дека ова не е класична уцена мотивирана од империјални руски цели за обнова на СССР и освојување на Западна Европа. Нивниот став е дека агресијата на Русија врз суверена европска држава е одговор на „егзистенцијалната закана“ од Западот со политиката на проширувањето на НАТО на границите на Русија. Идеалистите, огнените борци за демократија против автократија, со воскликот на Черчил, „…ќе се бориме на плажите, ќе се бориме, на боиштата, ќе се бориме во полињата и на улиците…“, ќе го тврдат токму обратното.

Европските политичари одбиваат да се соочат со суровата реалност на нуклеарната ера во која живееме. Токму на тоа предупредуваат реалистите. Имено, дека оваа војна меѓу големите сили би нѐ пеплосала сите. Зборот „пепел“ го употребувам во буквална смисла за исход на војна после која, како што ќе каже Никита Хрушчов „живите ќе им завидуваат на мртвите“. За среќа на човештвото, се чини дека разумот (реализмот) овој пат ќе го победи срцето (идеализмот). И од сите луѓе на овој свет, исходот најмногу зависи од Доналд Трамп.

Либертас

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот