
Разговор со Жанета Вангели за нејзината ретроспективна изложба во Чифте амам: Самата идеја си го бара својот пат
Творештво на мултимедијалната уметница Жанета Вангели во периодот од 21 август до 14 септември е претставено во рамки на ретроспективната изложба „Архив II, 1985-2025: Епифанија“ поставена во објектот Чифте амам при Националната галерија.
Препорачано
Визуелната уметница и професорка Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите години до денес. Како резиме на творештвото од четири декади, проектот „Архив II, 1985–2025: Епифанија“ ги претставува ликовните настојувања во континуитет на креативниот процес, осветлувајќи ја естетската линија во поширокиот ликовно-естетски, културно-антрополошки и општествено-политички контекст.
Куратор на проектот е виш кустос Маја Крстевска, стручен соработник е кустос Горанчо Ѓорѓиевски, а текст за изложбата напиша историчарката на уметност Натали Рајчиновска-Павлеска. Секако, простор за израз тука даваме на авторката Жанета Вангели.
Во Чифте амам е поставена Вашата ретроспективна изложба „Архив II, 1985-2025: ЕПИФАНИЈА“. Што значи бројот два и за какво продолжение станува збор?
– „Архив II, 1985-2025: Епифанија“ е втор дел од мојата прва ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност во 2017 година, која имаше наслов „Архив I, 1987-2017: Синхроницитети“. Во таа прилика немаше просторна можност да се изложат моите фото- и фрејмографски архиви и чувството што го имав, беше состојба на една недовршена ретроспективна поставка. Тогаш постоеше идеја, сите овие дела да се прикажуваат на монитор, во една бесконечна низа, но тоа беше далеку од идеално решение, кое само би довело до една непосакувана и штетна нивелација на крајно хетерогените материјали и претстави.
И покрај оваа втора концепција денес, ретроспекцијата, сепак, не може никогаш сосема да биде потполна, особено со оглед на фактот, што многубројни просторно-специфични инсталации е невозможно да се реконструираат во било кој простор, одново и консеквентно. Предвидено е, тие да ги репродуцирам во каталог/монографија во следниот период и да постојат како запис. Со други зборови, овие два архива функционираат како еден диптих, кој во време-просторот сега се остварува.

На кој начин ја направивте селекцијата на делата за оваа поставка?
– Селекцијата на делата беше, можеби, најтешкиот дел во овој сложен, истовремено и многу инспиративен процес, кој претпоставуваше дигитализација на преку 230 аналогни филмови, потоа избор од мојата дигитална архива на фотографии, фрејмови и компјутерски генерирани слики, како и избор на некои најнови објекти и инсталации во овој простор. Еден дел од поновата продукција остана неселектиран поради концепциски причини.
Со каков концепт ја поставивте во просторот на галеријата, каде е почетокот, а каде крајот на изложбата?
– Изложбата нема ниту почеток, ниту крај. Сè зависи, дали ќе почнете да се движите од лево кон десно, или обратно, бидејќи тоа го условува просторот на самиот амам, огледално проектиран. Секој простор претставува целина за себе (освен преодните простори, кои наликуваат на ходници) и е означен со поднаслов.
Насловот на изложбата, поднасловите на одделните простори, и секако, насловите на делата, се секогаш екстремно значајни во целокупниот мој пристап; тие скоро никогаш не се дескриптивни (освен во документарните материјали), туку симболички и додаваат дополнителна димензија на делото.
Поднасловите на одделните простори се Еуфорија, Intactus, Реминисценции / Multsã Earam, Црвен простор I, Црвен простор, II, Correctheid и Casus Belli / Несовремена уметност. Сите овие седум простори заедно ја создаваат епифанијата, на свој, специфичен начин.
Епифанијата е иманентна и во двата дела од просторот, иако тоа на прв поглед не е сосема очигледно; во едниот како директно, непосредно и недвосмислено Објавување на Богочовекот (преку објектот Casus Belli / Несовремена уметност), а во другиот преку многубројните претстави на Другиот, преку кој Бог се манифестира, т.е. преку човековата личност, создадена по ликот Божји, без исклучок.
Во Вашите дела секогаш има одредена доза на уметничка субверзија. Што опфаќа вашиот поглед кон хоризонтот на општеството?
– Не знам дали има субверзија или не, во она што го правам. Само знам, дека секоја личност, без оглед на тоа, дали се занимава со уметност, наука, агрикултура или било што друго, треба да има за цел да се разбуди од сонот, од масовната хипноза и од дејството на спектаклот, чија целна група е скоро целокупното човештво.
Едно имам посведочено, а тоа е дека токму оние уметници кои со сите сили се трудат да бидат субверзивни, се најмалку субверзивни. Намерата ја уништува уметноста, по себе. Идеална состојба е да се трансцендира желбата за субверзивност и да се следи интуицијата, која е скоро непогрешива. Најдобро би било, всушност, да се трансцендира и секоја намера, ментален конструкт за правење уметност, тогаш ќе се допре нешто навистина вредно. А, на хоризонтот – Епифанија.
Честопати Вашите дела немаат класична структура. Од што зависи изборот на материјалот и медиумот на кој ги изразувате своите идеи?
– Во 21-иот век не ни постои дистинкција помеѓу класична и некласична структура или приод. И не е ни битно, дали е нешто класично или не, зашто во постмодерната „anything goes“ е ултимативната максима. И класичното, и некласичното, сè е можно и сè е добро, ако е направено на добар начин. Единственото важно е, дали е нешто автентично или не, дали го живееме тоа што го претставуваме или не, дали претставеното е повнатрешнето или не, дали постои разлика помеѓу животот и уметноста на уметникот или не. Само тоа е важно.
Што се однесува до медиумите и материјалите со кои работам, одамна не размислувам во кој медиум нешто ќе реализирам. Самата идеја си го бара својот пат, на еден, честопати, неразбирлив начин.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 296, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31.8.2025)