Изложбата беше поставена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје

Разговор со визуелниот уметник Харис Муриќ: Во секој плакат оставам простор за размислување

Првата самостојна изложба на визуелниот уметник Харис Муриќ беше базирана на едногодишен концепт, а неговите 52 плакати беа изложени во галеријата на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

Визуелниот уметник, музички продуцент и уметнички директор Харис Муриќ е роден и израснал во Гостивар, а од 2016 година живее и работи во Скопје. Годинава бележи една декада од својата професионална работа во полето на визуелните уметности, а како круна на јубилејот си поставил предизвик да создаде изложба што е заснована на едногодишен концепт.

Конкретно, во текот на 52 недели во 2024 година креирал по еден плакат, а сите плакати ги претстави на изложба со наслов „When Do I Stop?“ во галеријата на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

Во КСП „Центар-Јадро“ беше поставена изложба со твои постери. Со каков концепт беше реализиран целиот проект?

– Прекумерно активното занимавање со графички дизајн од комерцијален карактер ме доведе до потребата да се изразам и на малку поинтроспективен начин, каде што јас би бил во улога на клиентот. По долго размислување, методот на креирање еден плакат неделно ми се виде како најизводлив, а 52 недели ми гарантираа 52 дела, сосема доволно голем опус, кој би го издржал товарот на изложување, но воедно и на иновацијата. Изложувањето на делата ми беше од огромно значење, бидејќи е мое прво самостојно излегување пред јавноста, и фидбекот што го добив е на сите страни, но мнозински позитивен.

Постерите имаат различни тематики. На кој начин се појавуваа идеите за реализацијата на секој од нив посебно?

– Секоја недела носеше различни предизвици, но и инспирации. Било тоа да е дознавање на нова музика, нов филм, нова книга со фотографии. Секој медиум околу мене служеше како состојка во рецептот на плакатот што го правев секоја недела, наутро, во тотална тишина, со првото утринско кафе. Тематиките флуктуираа од недела за недела, почнувајќи од пробивање на мразот со првиот плакат, каде што поставив повеќе од 20 елементи, од кои останаа само осум.

Понатаму, се соочував со внатрешни конфликти за тоа која порака би победила и останала на плакатот, бидејќи архивирањето на фотографиите, илустрациите, поезијата, патем сите од јавен домен, беа силна конкуренција меѓу себе. Потоа се обидував да не се повторувам, бидејќи луксузот на време кое го имав во тие недела дена, ми овозможуваше да направам што поразлични дела, едно од друго.

Пораките некогаш се директни, некогаш се оставени на интерпретација на гледачот, но она што го оставам во секој плакат е просторот за размислување

Како визуелен уметник, какви пораки сакаш да праќаат твоите дела?

– Пораките некогаш се директни, некогаш се оставени на интерпретација на гледачот, но она што го оставам во секој плакат е просторот за размислување, а некогаш и за дебата. Се разбира, секој од овие плакати лесно може да се примени во некаква ситуација, поразлична од првичната конотација на делото. Она од кое секогаш сум се дистанцирал е омразата и поделбата, а повеќе сум се фокусирал на персоналните борби што ги имаме во секојдневието. Голем двигател во моите дела е самата љубов кон уметноста, и нејзината историја, но како главна состојка, секогаш би ја одбирал носталгијата.

Во кој правец планираш понатаму да го развиваш своето творештво?

– Во иднина би сакал да најдам нов личен предизвик во визуелната уметност, кој повторно би можел да го овековечам со изложба, но секако не би сакал да го избрзам тоа, и да добијам нешто во кое нема да бидам самоуверен. Пред да дојдам до кликот што го имав со овој концепт, имав доста идеи и концепти што завршија на гробиштата на мојата имагинација. Тоа сигурно ќе ми се случи повторно, до следниот концепт.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 279, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.5.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот