Разговор со Ристо Вртев за концертот на „Архангел“ на „Таксират“: Способноста да љубиме е највредното човеково својство

Целовечерен концерт на групата „Архангел“, со мото „30 години љубов“, на 11 октомври во СЦ „Борис Трајковски“, ќе ја отвори официјалната програма на 22. издание на музичкиот фестивал „Таксират“.

Исклучителна можност да се почувствува енергијата, звукот и лиричноста на стихови и акорди, што неколку генерации ги знаат наизуст, ќе биде концертот на „Архангел“ во рамките на фестивалот „Таксират“. Протоколите за организација на културни настани и мерките за заштита од коронавирусот значително ќе го намалат бројот на публиката, но музичката екипа собрана околу Ристо Вртев, главен двигател на „Архангел“, ветува врвен концертен настан. Репертоарот на групата, која е синоним за македонска рок-музика, содржи четири студиски албуми, снимени со друга музичка постава пред дваесетина, па и 30 години, но во мислите на Вртев има уште два албуми, со кои сака да ја доврши трилогијата почната со албумот „Небесна машина“ (2003). Во составот на групата сега се вклучени неколку одлични музичари од македонската џез и рок-сцена, а Вртев додава дека секако не е сам, туку соработува со најдобрите.

Кога размислував за почеток на разговорот, ми се појави дилемата: бенд или бренд „Архангел“? Како Вие тоа го чувствувате?

– Не се пронаоѓам во тие термини: бенд, бренд, „Архангел“ го чувствувам како моја уметничка алтернација, уметнички псевдоним.

Групата има четири студиски албуми, со кои стекнува култен статус. Колку тоа што почнува со љубов трае со љубов, како што е мотото на концертот „Архангел – 30 години љубов“? Каква е Вашата дефиниција за љубов?

– И еве повторно: што, воопшто, значи култен? Навистина не ми е јасно на што се однесува тоа. Моите песни се разликуваат од вообичаената музичка понуда, тоа секако, но не мислам дека им е потребна некаква мистична обланда. Но, ајде да зборуваме за љубовта. Љубовта подразбира посветеност на некого, на нешто, се поврзуваме со личности, со природата и со нејзините феномени, па дури и за предмети на кои нашата приврзаност кон нив им определува поинакви значења. Љубовта е начин на кој се осознаваме и навистина не треба да ја банализираме, затоа што мислам дека способноста да љубиме е највредното човеково својство. Во сето наше делување можеме да го осогледаме нејзиното присуство. Или отсуство.

Цврст рок израз и стамен македонски збор, би можело да биде најкратката дефиниција на музиката на „Архангел“. Со каква мисија почна и со каков мотив опстојува „Архангел“ веќе 30 години?

– Под цврст рок израз можеме да ги подведеме првите три албуми со песни, кои се издадени во деведесеттите години на минатиот век. Но четвртиот, „Небесна машина“, издаден во 2003 година, е сосема поинаков. Тој ја отвора новата трилогија прилагодена на 21 век. Звучниот пејзаж, лириката, се сосема поинакви во однос на првите три албуми. Е, сега, недостасуваат уште два албуми за да се заокружи новата трилогија. Тие се наоѓаат во мојата глава и никако да се создадат услови да ги реализирам на соодветен начин. Но, не сум обесхрабрен, токму спротивното, крајно сум мотивиран да го остварам тоа.

Зрелите години го гаснат или го разгоруваат жарот на творечкото битие?

– Ако творештвото е ваша животна определба, тогаш тој оган никогаш не се гаси. Творечкиот напор секогаш ме доведувал во идеална психофизичка кондиција.

Творечкиот напор секогаш ме доведувал во идеална психофизичка кондиција

Дали рок-музиката, сѐ уште, е „ладното оружје“ на урбаната култура?

– Не можете да дефинирате термин како рок-музика. Во тој кош се сместени толку различни автори и изведувачи. Како би ги поврзале, на пример, Леонард Коен и „Ролингстоунс“. Во што е сличноста, во боемштината? Во дрогирањето, во промискуитетот? Па јас немам никаква врска со таков начин на живот. Во минатиот век звучноста ја определија електричната гитара, тапаните. Во овој век звукот ќе биде генериран со помош на сметачките машини. Како ќе се именува тоа – не знам. Електронска музика? Па таа постои цел еден век, па и подолго, музиката на градовите, на селата, музиката што ја создаваат примитивните заедници, сето тоа е во игра, паралелно. Јас на сите тие музички облици гледам како на фолк-музика, како на музика што потекнува од народот, наспроти онаа квалификуваната, што се изучува на музичките академии.

На последната студиска снимка „Пинокио“ пред две години во рефренот повторувате – глава горе. Кому му е упатен тој повик?

– На сите. Кога ќе ја кренете главата, ќе ви се подисправи ’рбетот.

Со каков состав, бенд, програма, желби и идеали ќе настапите на концертот на празникот 11 Октомври во СЦ „Борис Трајковски“?

– На 11 октомври „Архангел“ ќе настапи во постава што некогаш се именуваше како „Супергрупа“: Гоце Стевковски – тапани, Дарко Мучев – бас, Предраг Икономовски – гитара, Трајче Велков – труба, Кире Кузманов – саксофон и флејта, Сашко Николовски – тромбон и синтисајзер и маестро Емин Џијан – пијано.

Во ситуацијата во која сме, сметавме дека животот не треба да застане. Најпрвин се собравме да направиме нов албум. Кога пристигна понудата од „Пасворд продукција“, ја прифативме со идеја да прозрачиме со светлост наспроти мракот што ни се заканува. Да се потсетиме дека љубовта е таа чудесност што нѐ храни, што нѐ прави поубави, ни дава здравје и нѐ прави живи.

Пишува: Тони Димков

Насловна фотографија: Кире Галевски

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 52, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот