Златко Ѓелески, публицист и филмски рецензент

Разговор со публицистот и филмски рецензент Златко Ѓелески: Активен посредник на филмската магија

Со три збирки со рецензии, есеи и интервјуа за филмската уметност, но и со три филмови каде се појавува како автор на сценариото и режисер, Златко Ѓелески е еден од најактивните хроничари на филмот кај нас.

Писателот, филмски, музички и книжевен критичар, Златко Ѓелески, во краток период ја промовираше збирката филмски рецензии „Видеологија 2“, издание на „ПНВ Публикации“, и премиерно го прикажа краткиот игран филм „Слобода“, каде што е автор на сценариото и режисер.

Збирката филмски рецензии „Видеологија 2“ опфаќа филмови од 2021 и 2022 година. Радува, но и изненадува фактот што во книгата се поместени рецензии за 80-ина македонски филмови. Дали тоа значи дека имаме богата продукција?

– Во „Видеологија 2“ се вклучени филмови поддржани од Агенцијата за филм, но и дела од независната кинематографија, односно збир на творби што се прикажани и на големото платно, но и на малиот екран. Во времето на ковид-пандемијата се отвори можноста за гледање на домашниот филм на стриминг платформите, така што иако е помал бројот на филмовите што имав можност да ги изгледам, за разлика од периодот пред пандемијата, опфатен во „Видеологија“, сметам дека македонскиот филм може да се пофали со диверзитетот на теми и различните пристапи за нивно реализирање. Сепак, далеку сме од светските филмски индустрии и нивните бројки, но мора да постои квантитет за да се издвои квалитетот од него.

Филмовите се со различни жанрови и формати, играни, кратки, експериментални… колку тоа значи дека границите на филмскиот израз стануваат прилично широки?

– Жанровската хибридизација во светски рамки се практикува со децении наназад, така што сосема логично е и домашните автори и авторки да го бараат својот израз во сродни или гранични жанрови. Жанровите со своите конвенции се олеснителен фактор за доближување на филмот кон потенцијалниот аудиториум, но постмодернизмот го промовира бришењето на границите помеѓу жанровите и формите за да се дојде до недопрени филмски предели. Меѓутоа, најпрвин треба да се научат правилата пред да се скршат, што значи дека најпрвин треба да се пополнат сите жанровски фахови со творби, а потоа да се започне со жанровската легура. И во нашите филмови можеме да забележиме анимирана форма во документарен филм, доку-фикција или, пак, експериментални филмови што се противат на наративната структура и дејствие.

Збирката филмски рецензии „Видеологија 2“ е издание на „ПНВ Публикации“

Каков потфат претставуваше подготовката на книгата „Видеологија 2“, но и на претходните „Видеологија“ и „Мастерклас“?

– Книгата „Видеологија 2“, како и нејзината претходничка, е дело работено во период на две години, но токму поради пандемијата и комплицирањето на процесот на снимање, бев загрижен дека нема да има доволен број филмови за пишување, па затоа се обидов да присуствувам на што е можно повеќе затворени и отворени проекции, самостојни или фестивалски, но и ти самиот знаеш дека понекогаш тоа е невозможно, затоа што настанува преклопување на културни настани кои се одвиваат во ист миг. Затоа есејот за македонскиот жанровски филм ја пополни празнината што ја остави пандемијата, но филмот секогаш ќе открие начин да дојде до својот гледач. Така што неколку филмови останаа неизгледани од моја страна, бидејќи беа прикажани во градови во кои не можев да присуствувам на проекцијата, но секогаш се обидувам да го вперам вниманието кон филмовите од независната продукција, кои можеби не се правени со многу пари, но се снимени со големо срце.

Сцена од „Слобода“, краток игран филм снимен во независна продукција

Иако пишуваш филмски рецензии од 2008 година, се појавуваш и како автор на филмски остварувања, а деновиве се случи и премиерата на твојот трет филм „Слобода“. Како е да се биде од другата страна, кога твојот филм е предмет за рецензија?

– Одлично! Мислам дека должност на секој филмски критичар е да умее да сними филм и да согледа што значи да се биде од другата страна, односно да биде анализирана творбата со туѓи очи. Многу ме радува што „Слобода“ не е повеќе само мој филм, туку им припаѓа на гледачите, кои имаат свои толкувања за однесувањето на ликовите, ми ги истакнуваат сцените кои допреле до нив и ми споделуваат нивни совети како би го подобрил мојот авторски израз, кои секако дека ги земам предвид. Уметникот мора да го понуди своето дело на гледачот, да искомуницира со него и доблесно да прифати секаква позитивна и негативна критика, затоа што двојно боли или радува кога се работи за парче од себеси, обликувано како уметничка творба.

Најмногу ме радува што филмот си ја најде својата публика, која реагираше на хумористичните моменти и внимателно ги следеше драматичните и крими секвенците. Сметам дека е важно за еден филмски критичар да подлегне на макотрпниот процес на снимање на филм, особено од независна продукција, за кога ќе пишува за туѓите филмови, на своја кожа да може да почувствува низ што поминала екипата да ја сними творбата, учејќи лекции за трпение, емпатија и почит, наместо да ја воздигнува својата суета и од позиција на ефемерност да фрла со навреди за авторот, занемарувајќи ги квалитетите на делото. Сакам „Слобода“ да прошета во што е можно повеќе градови низ државата.

Уметникот мора да го понуди своето дело на гледачот, да искомуницира со него и доблесно да прифати секаква позитивна и негативна критика

Каква улога во твојата работа поврзана со филмот и филмската уметност има емисијата „Дансе Макабре“ на Радио „Канал 103“?

– Емисијата „Дансе Макабре“ веќе 15 години ја промовира филмската уметност на радиобрановите на „Канал 103“ и во неа досега гостувале 60-тина домашни режисери и режисерки, од најразлични генерации, со кои сум водел долгочасовни дискусии за квалитетите и недостатоците на нивните филмски дела.

Покрај интервјуата, во емисијата имам рецензирано илјадници филмови (50-100 годишно), така што филмот е интегрален дел од мојот обид за доближување на квалитетите кои ги поседува домашниот и светскиот филм, затоа што филмот не се гледа само за време на филмски фестивали или на Оскари, туку се гледа 365 дена во годината, а „Дансе Макабре“ секоја среда е посредник на филмската магија, преку која може да се погледне низ туѓ светоглед, да се одгатне другата страна на вистината, да се одржи менталната хигиена и да се порасне, како битие.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 202, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот