Виктор Танасковски, пред сѐ, е музичар, но се занимава и со цртање и сликање, а пишува и поезија

Разговор со музичарот и поет Виктор Танасковски: Се обидуваме да му го дадеме на градот она што нам ни недостига

Мултимедијалниот пристап кон уметноста е карактеристика во работата на Виктор Танасковски, кој главно е композитор и изведувач, но се занимава и со сликарство и со поезија, кои често ги имплементира во својата музика.

Музичарот Виктор Танасковски дипломира гитара на Катедрата за џез музика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (2016), магистрира на Факултетот за музичка уметност во Белград (2022), а моментално е на докторски студии на Универзитетот за уметности во Белград.

Покрај академската надградба, минатата година ја објави стихозбирката „Под остар агол“, а изминативе четири години е активен и со дуото „Алембик“.

Со тема од „Алембик“ се отвора А-страната на винилот „Крај Вардарот сесии во ’Аудиокултура‘“. Какво е интимното значење за музичарите нивна песна да биде објавена на винилно издание?

– Уште кога го формиравме „Алембик“ (2020) и размислувавме околу концептот на развој на деби-албумот, самиот материјал „бараше“ да биде издаден на плоча. Иако за сега е издаден само на ЦД, идејата за плоча сѐ уште стои и се надеваме дека ќе ја реализираме во иднина. Што се однесува до „Крај Вардарот“ сесиите во „Аудиокултура“, за нас е голема чест што оваа компилација почнува токму со нашата „Sins of the Feather“.

Драго ни е што ја имавме можноста се најдеме на винил заедно со други артисти чија музика ја цениме, и иако носачите на звук денес може да се сметаат за надмината и „излишна“ работа, ние, сепак, сѐ уште сакаме да издаваме на плочи, цедиња и касети, меѓу другото и поради естетската вредност што физичките изданија ја имаат.

Насловна корица на изданието „Крај Вардарот сесии во ’Аудиокултура‘“

Претходно со „Алембик“, дуо што го создадовте со Ива Дамјановски, го објавивте истоимениот деби-албум во 2022 година. Каков внатрешен конфликт ве води кон креација на музиката?

– Самата музика во голема мера се занимава со концептот на судирот, но и можната симбиоза на природата и технологијата, а истиот тој концепт може да се преведе на секој постоечки конфликт, внатрешен или надворешен. Всушност, се работи за дијалектички процес пренесен на секое ниво на постоењето, теза и антитеза од чиј неизбежен судир се раѓа секој нов облик. А конфликтите (за жал или за среќа) ги има на претек.

Во однос на инспирацијата за креација, кај мене таа секогаш доаѓа од акумулирање идеи, мисли и чувства во период на некаков немир или проблем, но сепак, на крај делото можам да го создавам дури откако кризата ќе помине. Всушност, мислам дека конфликтот секогаш произлегува од некои морални прашања кои си ги поставуваме, а трагањето по нивните одговори е една од главните причини да се создава уметност, или да се постои, воопшто.

Со „Алембик“ настапивте и на ПИН-конференција и шоукејс минатата година. Со каква цел?

– Немаше некоја посебна цел од наша страна, освен тоа да отсвириме добар концерт. Мислам и дека го постигнавме тоа, судејќи по реакциите на публиката, но и по чувството што ние го имавме за време на и после настапот. Овој настап можам да го издвојам како еден од омилените, не само поради она што ние го дадовме на сцена, туку и поради начинот на кој тоа беше примено од страна на публиката. Имаше луѓе кои плачеа додека свиревме, и мислам дека тоа е најголемиот комплимент што еден музичар може да го добие.

Дуо „Алембик“

Покрај „Алембик“, учествуваш во работата и на групите „Минстрелс галери“ („Minstrel’s Gallery“) и „Импруф“ („Improof“). За какви проекти станува збор?

– „Минстрелс галери“ е мојот прв авторски бенд, кој го формирав во 2013. Имаме издадено два албума – „Ignorance leads to Ruin“ (2016) и „To…“ (2018). Стилски, музиката е доста еклектична, со влијанија од хеви рок, психоделија, џез фузија и келтски фолк меѓу другото, а на кратко ја дефинираме како прогресивен арт-рок. Од друга страна, „Импруф“ е трио оформено во 2019, кое се занимава исклучиво со колективна слободна импровизација, а она што го правиме секогаш го опишувам како „freegaze“ (шугејз + фриџез).

„Алембик“, како најново настанат од овие три бенда, е дуо во кое создаваме музика која е, исто така, еклектична, но на многу поинаков начин од другите состави. Двајцата имаме многу различна позадина како музичари, Ива има завршено студии по класична музика, свири клавир, синтисајзери и теремин, додека јас имам дипломирано џез-гитара, па може да се каже дека сме тотално комплементарни, како во инструментариумот, така и во техниките на компонирање и импровизација.

Музиката што ја правиме влече од современата класика, шугејз, арт-рок, атоналната и авангардната музика, а накратко ја дефинираме како прогресивна класика и експериментален построк. Во овој бенд, џез влијанијата од моја страна се повеќе во хармонските и композиторски решенија отколку во самиот звук. Исто така, овде гитарата ја третирам со многу повеќе електроника и процесирање отколку до сега, а тоа, во комбинација со аналогните и дигитални синтисајзери, како и тереминот и вокалот на Ива, дава некоја нова димензија на мојот начин на свирење и компонирање.

Аудиопродукти произлезени од музичката и поетската работа на Виктор Танасковски

Минатата година ја објави збирката поезија „Под остар агол“ како самостојно издание. Книгата беше претставена преку аудиовизуелен проект, а неодамна се појави за слушање и на платформата „Самоглас“. Од каде се појави потребата поезијата да биде претставена со повеќе различни медиуми?

– Јас сум, пред сѐ, музичар, но се занимавам и со цртање и сликање, а поезија првично почнав да пишувам во служба на музиката која ја компонирам, меѓутоа низ годините решив дека некои од тие текстови сакам да ги издадам и во збирка. Дел од песните што се најдоа во „Под остар агол“ веќе се издадени во музичка форма со „Минстрелс галери“ и „Алембик“ (допрва и со „Импруф“), а оние коишто за сега се без музика, сепак ќе се најдат на некој мој албум во иднина, особено визуелните песни од вториот циклус, бидејќи нив ги планирам за еден поголем аудиовизуелен проект на кој работам како дел од мојот докторат на студиите по „Вишемедијска уметност“ во Белград.

Што се однесува до аудио и видео верзиите на оваа книга, решив дека не сакам да правам класична промоција со досадни, неважни и сувопарни говоранции, туку сакав публиката да влезе со такво очекување, а наместо тоа, да проследи уште едно, ненајавено дело кое е составен дел од самата книга и кое ја надополнува.

Исто така, причина повеќе беше тоа што сакав да се обидам да ги анимирам визуелните песни од вториот циклус. Ме интересираше како ќе изгледа кога ќе се испишуваат на екран, проследени со звучните експерименти во аудио продукцијата на читањето кои го следат текот на тоа како песната изгледа на хартија.

По промоцијата, видеото го објавив на својот Јутјуб-канал, а аудио верзијата од книгата се најде и на платформата за аудиокниги „Самоглас“, со коишто веќе имаме одлична соработка преку нашиот музички поткаст „демобилизација“.

Насловна корица на стихозбирката „Под остар агол“

Во Планетариумот во МКЦ пред крајот на минатата година со Ива Дамјановски го реализиравте првото издание на фестивалот „Скопје спејс џем“. Покрај необичниот амбиент, каков простор во културниот живот на градот пополнува фестивалот?

– Фестивалот во Планетариум е идеја што Ива ја имаше веќе подолго време, а во план е да се одржува секоја година. Со оглед на големата посетеност и одличните реакции од публиката (а и од изведувачите), мислам дека ваков фестивал може да биде од голема важност за градскиот живот.

Всушност, со сите проекти на кои што сме работеле досега, било со некој од авторските бендови, со поткастот или со настаните што ги организираме (фестивалот „Синестетика“, „Акустични доручеци“, „Скопје спејс џем“ и тн.), се обидуваме да му го дадеме на градот она што нам ни недостига: музика која ние би сакале да ја чуеме, фестивал на кој ние би сакале да одиме и слично, а изведбата на музика во простор што не е првично наменет за тоа отсекогаш ни звучела добро (и буквално и фигуративно) и ни била предизвик, бидејќи прави спојување наместо раздор, поврзување на два света од кои (повторно, дијалектички) секогаш се раѓа трет.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 215, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот