
Разговор со Михаела и Филип Илиоски: Парот што го искачи највисокиот врв во Македонија заедно со шестмесечниот син Исак
„По неколку часови, веќе бевме на врвот. Исак се смееше на цел глас, едноставно – беше среќен. Направивме фотографии, планинарите што ги затекнавме на врвот беа воодушевени од нашиот подвиг и се фотографираа со Исак“, вели Михаела.
Планинарењето е еден од најдобрите начини да ги поврзете вашите деца со природата уште од најмлада возраст. Не само што ќе поминете квалитетно време со вашите најмили, туку и ќе им овозможите да доживеат забавни авантури на кои ќе се сеќаваат до крајот на животот.
Препорачано
Секако, оваа активност може да има и многубројни предизвици бидејќи планините се прилично непредвидливи. Но, со добра подготовка за конкретната тура и со соодветна опрема, истражувањето на природата со децата може да биде неверојатно искуство.
Такво е искуството и на Михаела и Филип Илиоски од Прилеп, кои заедно со својот шестмесечен син Исак го искачија највисокиот врв во Македонија – Голем Кораб во септември годинава. Инаку, 22-годишната Михаела е вработена како професионален војник, а 30-годишниот Филип е ветеринар.
Михаела и Филип, кога и како ви се роди љубовта кон природата и планините?
– Кога се запознав со Филип, тој веќе имаше голема љубов кон природата и ме повлече и мене во тоа. Почнавме заедно да планинариме, да посетуваме различни места, да уживаме. За нас одењето на планина беше како да одиме во нашиот втор дом. Таму се чувствуваме најсигурно, најсреќно и исполнето. Планините се живот.

Кои врвови сте ги искачиле досега?
– Досега сме искачиле повеќе врвови, а ќе набројам неколку од нив: Врв Чуле на Селечка планина, Устрелец, Златоврв, Висока, Козјак, Солунска Глава, Голем Кораб, Титов Врв, Антена Пелистер, Широко Стапало, Партизански Врв, Магаро, Неолица и уште многу други. Од сите нив, најголем впечаток секогаш ни остава Солунска Глава. Таа е толку мистериозна планина, и искрено толку многу ја чувствувам нејзината моќ, што ме воодушевува секој следен пат кога ќе отидам таму.

Што мислите за планинарскиот туризам во Македонија и кои тури би им ги препорачале на нашите читатели?
– Искрено, Македонија има доста убави места што треба да се посетат, ќе ви кажам само две, едното е планинарскиот дом Караџица, кој има прекрасен поглед кон Солунска Глава, а другото место е Лешница на Шар Планина, Кривошијските Кади, каде што има водопад, и местото е преубаво, изобилува со зеленило и неискажлива природа. Треба да има повеќе организиран планински туризам, бидејќи годишно доаѓаат многу туристи и треба да ги посетат овие неколку места што воодушевуваат со својата убавина.

Неодамна, заедно со вашиот шестмесечен син Исак, се искачивте на највисокиот врв во Македонија – Голем Кораб. Како се одлучивте да го земете Исак со вас?
– За да го однесеме Исак на толку голема надморска висина, прво имаше адаптација. Кога имаше два месеца го однесовме на 1.200 м.н.в., на три месеци на 2.000 м.н.в. и потоа на 2.764 м.н.в. Одлучивме да го земеме со нас, секако, со претходни подготовки. Сепак, врвот Голем Кораб не е воопшто врв што треба да се потценува, не се лесни ниту должината на патеката ниту, пак, тежината. Ние двајцата сме планинари и, како родители, одлучивме дека Исак може да дојде со нас на планина. Го спремивме, зедовме доволно храна, вода, облека, пелени за него, бидејќи е најважно да има сѐ што е потребно за бебето и тргнавме. По неколку часа, веќе бевме на врвот. Исак се смееше на цел глас, едноставно – беше среќен. Направивме фотографии, планинарите што ги затекнавме на врвот беа воодушевени од нашиот подвиг и се фотографираа со Исак. Потоа, го пресоблековме и тргнавме за назад.

Дали се соочивте со одредени предизвици за време на турата?
– Не, немаше никаков предизвик и сѐ беше во најдобар ред.
Која е следната планинарска тура на која планирате да одите заедно со Исак?
– Следна планинарска тура, се надеваме во 2023 година дека ќе го посетиме врвот Мусала во Република Бугарија, кој е највисок врв на Балканот со 2.925 м.н.в.

Кои се вашите совети за младите парови што сакаат да планинарат, но се двоумат дали да ги понесат своите деца со себе?
– Наш совет е да не се двоумат воопшто. Ако се спремни да го издржат товарот, односно тежината на самото дете, и да се соочат со предизвиците, какви што се неуспешно искачување на врвот, плачење, нервоза кај самото дете, тогаш нека го носат. Сепак, тоа е дете и може сега да сака нешто, а по две минути да не сака и да почне да плаче и да се вознемири. Сепак, многу е важно да се знае дека кога одите со дете на планина, нема секогаш да успеете да имате фотографија и спомени од врвот. Ние имавме еден неуспешен обид за искачување на Солунска Глава, каде што на само стотина метри од врвот, почна да дува силен ветер со 40 км на час и Исак почна да плаче и моравме да се вратиме во домот Чеплес. Најважно е здравјето и расположението на детето. Исто така, сакам да спомнам дека треба да се обрне големо внимание на временските услови и да се има опрема за детето (ранец специјализиран за дете, скафандер, доволно храна и вода, доволно алишта и пелени за преслекување, шал, капа, ракавици, чорапчиња и чизмички или чевлички). Детето е најважно од сѐ, и доколку гледате дека не му делува убаво разредениот воздух, висината или временските услови, тогаш веднаш вратете се од каде што сте дошле. Нема потреба од тврдоглавост. Има време за искачување врвови, не сте таму ни прв ни последен пат! И не се двоумете, носете ги и учете ги од мали да ги сакаат планините, да ја почитуваат планината и да бидат нејзини ученици. Од планините има многу што да се научи. Искрено посакувам да видам што повеќе млади парови со деца на планина.

Разговор со Моника Илкова, основач на „My Wave“: Илустрации со љубов што поместува планини