
Разговор со Хана Корнети: Се радувам кога луѓе се смеат гласно на некоја строфа
Концертната промоција на деби-албумот „Голи песни“ на Хана Корнети, како дел од прославата наречена „Шарла – 10 лета околу“, ќе се одржи на 26 август во звучниот амбиент на „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија.
Препорачано
Првата средба со Хана Корнети ми беше преку нејзините раскази и се случи на промоцијата на деби-книгата „Млечни заби“ во „Ла Кања“. На истата локација повторно ќе се сретнеме со Хана, овој пат на промоцијата на нејзиниот деби-албум „Голи песни“.
Инаку, Хана Корнети е родена во Скопје, 1992. Студирала паралелно историја и философија при МЕТУ, Анкара. Магистрирала на културолошки студии при Сабанџи, Истанбул. Има добиено награда за расказ на конкурсот на „Нова Македонија“ во 2017, награда за пиеса на конкурс во 2018, а во 2021 ја издава својата прва збирка раскази „Млечни заби“ со „Или-или“. Аматерски си игра со музиката и во 2023 година со „Шарла рекордс“ го објави албумот „Голи песни“.
По објавата на збирката раскази „Млечни заби“ во 2021 година, деновиве се појавува албумот „Голи песни“. Колку музиката го кажува тоа што книгите не можат?
– Конкретно личен пристап – книгите треба да се соџвакуваат, размислуваат. Имаат повеќе барања од читателот, а и од писателот. Музиката, на некој начин, е поинтуитивна и поедноставна – барем таа јас што ја „правам“. Би рекла дека книгите се поискалкулирани, а музиката е подиректна, гола. Затоа „голи песни“. И двете се на свој начин „искрени“ во приказните, но додека книгите работат на повеќе нивоа, песните се тоа што се. Лапни, голтни, види дали ќе ти се заглави во душник или ќе си помине глатко.
Кога ги пишувам, на книгите им пристапувам подисциплинирано, како спрема работа што многу ја сакам, додека кон музиката по… „левтерно“. Резултатот е доста е „жив“, во смисла необработен. Бидејќи ако треба и со музиката да сум толку дисциплинирана, нема веќе да ми прави мерак. За мене, музиката е повеќе „испукување“, опуштање. Не е „интелектуална“ игра на освојување, туку инстиктивна, дивјачка, базична, нерационална. Така нешто.
Погенерално – значи не зборувам за своите дела – врвната книжевност ја гледам како највисока форма на философијата – не во „тупењето“ туку во приближувањето на хуморот и трагедијата на човековата состојба до срцето и психата на читателот. А во врвната музика – пак се ова субјективни категории, ама ајде – го гледам Господ.
Осум кратки, едноставни и емотивни песни се објавени на албумот. Дали тоа е избор од поголем број песни напишани, можеби, за книга, или наменски се напишани за албумот?
– Песните не беа наменски напишани за нешто, дефинитивно не за книга. Никако не сум поетеса. Само една од песните беше спремена за хуманитарен концерт, а друга, развлечена година дена, ја забрзав за да се заврши албумот, бидејќи Давид, продуцентот, сакаше да имаме повеќе песни. Инаку, во музиката никогаш не сум навлегувала со некаква цел. Би ја категоризирала како непостојано хоби, хоби во кое уживам. Ќе излезе од инструментот некој тон, ќе испеам мелодија, ќе напишам нешто, ќе го потсредам текстот да не е патетичен – честа опасност на први верзии – ќе измалтретирам некој во близина да провери дали е во ред, и ете песна. Секако, не преживеале сите такви експерименти низ годиниве.
А на тема следна книга, последнава година вложив љубов и труд – нели, за пишување дисциплината е присутна, фала Богу, после години натегање – во „Илина и шумските тролови“, која ќе излезе есенва со „Или-Или“. Ова ќе биде првиот роман – фантазија за деца – од трилогијата за еден „симпатично иритантен лик“, да го цитирам уредникот. Книгата и ликот ми се многу драги, можеби, бидејќи слични такви книги беа почетокот на моето целоживотно заљубување во книжевноста. Ретко си ги фалам делата, но мислам дека Илина ќе влегува под кожа.

Песните ги изведуваш сама на своето укулеле во камерна и интимна атмосфера. Зошто ги остави „голи“ и каде и со кого ги сними материјалите?
– Од техничка страна, голи се бидејќи се доста минималистички – глас и укулеле, плус некои украси со кои Давид ги разубави. Ги снимивме во студио „Кларион“ кај Дејан Ангелевски, во живо, истовремено глас и укулеле. Три часа снимавме, па Давид преполни три чинии со шпагети и малку се навреди што не можев да ги дојадам. Голи се на тоа „другото“ ниво, бидејќи немаат филтер и цел, и не стојат врз големо музичко искуство. Текстовите се средувани, но без агенда, извадени од моменти, приказни, средини, импресии, а мелодиите повеќе или помалку – како се појавиле така останале. Од тој аспект, немаат алишта. Голи се.
Каква е улогата на „Шарла рекордс“ и на Давид Ангелевски во целиот процес. Дали ти бараше издавач или издавачот те најде тебе?
– Имав некоја идеја некогаш, евентуално, можеби, да ги снимам песните ама без некакви музички амбиции и не бев проактивна. Давид слушнал мои песни, ги бендисал и ми пријде со идеја да соработуваме. Ми рече да не се надевам дека ќе заработиме нешто, реков „каде да потпишам“? И тоа беше тоа. Ништо не потпишавме, фала Богу, ама соработуваме. Многу се труди околу промовирањето на албумот, како што прави и за други изданија на „Шарла“, што е баш за поздрав.

Концертната промоција на „Голи песни“ не е твој прв настап во живо. Какви емоции буди директниот контакт со публиката?
– Повеќето изведувачи се хранат од тој директен контакт со публика. Не сум една од тие. Плус, не сум по вежбање, т.е. повторување на истиот материјал, нека ви каже само наставничката Катерина Ќетковиќ, и покрај чии херојски напори многу малку ми се залепи од нижо музичко. Плус, публиката ми прави малку трема. Плус, ако публиката е расположена гласно да разговара, јас како аматер, се бунам. Плус, плус, плус… Така што, иако – безволно – повторувам, на сите настани има солидна шанса за грешки. Мајка ми и Давид речиси дневно ме потсетуваат да вежбам. Вежбам, ок.
Но, додека изведувам, се радувам кога луѓе се смеат на глас на некоја строфа, или насмеани слушаат некоја песна, или ми го фаќаат погледот додека барам точка на која да се фокусирам дур свирам, или ми пишуваат пораки дека некоја песна ги потсетува на свое искуство, или им го почнува денот, или на кој било начин им станува блиска.
Пред многу години имав бенд во Анкара и тоа ми беше терапија. Ми фали бенд со кој можам да ја делам одговорноста и забавата и енергијата (не сум фан на зборов, но не најдов друг). Можеби треба да почнам публиката да ја перципирам како продолжение на бендот.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 193, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-28.8.2023)