Патрис Павис, театролог и писател

Разговор со францускиот театролог и писател Патрис Павис: Сакам да бидам изненаден од театарските претстави

Светски реномираниот театролог и професор по театарски студии Патрис Павис неколку денови беше присутен во Скопје, а тоа беше можност за средба со неговото творештво и откривање на неговите искуства во областа на драмската уметност.

Францускиот театролог Патрис Павис (1947) е врвен познавач на клучните трендови во современиот театар, специјалист на анализата на драмата, изведувањето и спектаклите. Негови капитални дела се „Речникот на театарот“ (1980) и „Речникот на изведувањето и на современиот театар“ (2014), кои веќе имаат многубројни реизданија и се преведени на повеќе од 20 јазици.

За време на гостувањето во Скопје тој одржа работилници со студентите од Факултетот за драмски уметности и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, координирани од страна на професорката Деспина Ангеловска, а книжевна средба за неговиот творечки и животен пат на 22 мај се одржа во Францускиот институт.

Неколку денови бевте присутен во Скопје со работилници и предавања од областа на театарот. Какви искуства понесовте од Македонија?

– Всушност, професорката Деспина Ангеловска од Факултетот за драмски уметности одлично ги беше подготвила студентите за работилниците и претходно веќе имаа направено одредена адаптација. Имено, читајќи одбрани делови од романот на македонски јазик, таа им помогна на студентите да напишат нивна сопствена адаптација на предложените поглавја. Лично, особено ми е мило што студентите беа од најразновидни класи, актери, сценаристи, драматурзи, режисери, и што сите заедно ја направија адаптацијата, па потоа се обидоа и во глума и режија.

Интердисциплинарноста е нешто неопходно при оформувањето на идните „театарски уметници“. И покрај тоа што беа во период на испити и имаа многубројни тековни обврски, учесниците изведоа мошне успешни сцени, кои даваат една севкупна скица на можната поставка на избраните поглавја. За жал, немав многу време да го запознам Скопје. Сепак, прошетав во Старата скопска чаршија и посетив две прекрасни ликовни изложби.

Средба со Патрис Павис во Францускиот институт во Скопје

Од каде потекнува Вашата инспирација за театарот и со каков мотив го објавивте Речникот на театарската уметност?

– Мојата страст за театарот потекнува од моите студентски денови, што, впрочем, е малку задоцнет интерес. Уште кога започнав со предавањата на Универзитетот Париз 3, се заинтересирав за опис и толкување на театарот, со којшто се запознав токму таму, на Универзитетот, од 1976 година, во рамките на мојата наставна дејност. Чувствував голема потреба за анализа и толкување на претставите, нешто што трае до ден-денес.

Речникот постојано се дополнува во новите изданија. Какви промени се случуваат во современата театарска уметност и израз?

– Да се набљудува и да се опишe јазикот на современата театарска уметност е мошне сложен процес. Многу зависи од тоа во која земја се изведува и каква е нејзината културна политика. Театарската пракса многу се промени од 1960-тите наваму: режисерот повеќе не е само координатор на сценските уметности (како до 1950 година), ниту е уметникот-демиург како во периодот од 60-тите до 80-тите години. Денес, тој стана придружен креатор на визуелните и аудиовизуелните уметности. Тој сосема доброволно работи директно на сцена со сите соработници, најмногу со актерите, со кои заеднички, дел по дел, ја гради претставата.

Изразувањето на јасен начин може да претставува ограничување во пишувањето, но бидејќи речникот првенствено беше наменет за студенти кои почнуваат да се впуштаат во размислувањето за театарот – откако го искусиле првичното задоволство од театарската игра – тоа претставуваше корисно ограничување што го прифатив со искрено задоволство. Идејата за минување низ густата шума од поими, ми се виде како едно длабоко лично патешествие.

Какво чувство имате кога гледате театарска претстава и какво чувство Ве понесува кога треба да напишете театарска анализа за истата претстава?

– Се обидувам да му пристапам на секое сценско дело со целосна отвореност, како нешто што ни е подарено и што треба истовремено да го почитуваме и да изградиме став. Не сум новинар и немам обврска да напишам критика за следниот ден. Ги бирам претставите според интересот и квалитетот што претпоставувам дека ќе го најдам во нив. Чувствувам радост кога му се препуштам на изненадувањето што може да ми го приреди актерската игра и режијата.

Знам дека е малку наивно, но секогаш сум по малку фрустриран што не можам да се вратам дома со снимка од претставата што сум ја гледал, особено доколку имам намера да развијам теоретски прашања врз основа на анализата на режијата. Сакам да бидам изненаден од претставите, да не размислувам од каде да почнам при пишување на анализите, па дури понекогаш и да не знам што точно да напишам. Кога однапред знам дека гледам една претстава за да напишам теоретска студија за претставата, секогаш сум по малку вознемирен дека ќе ми избега некоја важна мисла или некој важен детаљ.

Македонски превод на романот „Ти си поезија“ на Патрис Павис во издание на „Перун Артис“

По многубројни теориски книги за театарот одлучивте да напишете роман со наслов „Ти си поезија“. Зошто?

– Немам конкретна причина зошто го напишав овој роман („Poème toi-même“, во превод „Ти си поезија“), но тоа се совпадна со периодот на златното доба на моите пензионерски денови. Си реков дека со последното издание на речникот можеби се стекнав (најпосле!) до право да се обидам со нешто ново.

Претходно имав напишано пет драмски текста, кои останаа скромно необјавени. Тоа можеби значеше дека треба да преминам кон друг жанр, како што е романот, којшто е многу послободен и поотворен во формата и кон светот. Можеби, пак, посакав да направам нешто што никогаш не сум се осмелил да го направам надвор од театарот: да работам на прозен текст, но и да се навратам на она што најмногу го сакав како дете и средношколец – поезијата.

Каква е функцијата на поезијата, а особено на театарот во современиот свет?

– Не знам дали поезијата и романот имаат некаква социјална, културна или идеолошка улога во современиот свет. Но, тие се неопходни и потребни за секој човек. Тие ни овозможуваат барем за миг да излеземе од себеси и да видиме како другите го замислуваат светот, на кој начин го гледаат и го живеат токму овој свет, свет што ни е колку близок, толку и далечен.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 283, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31.05.-01.06.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот