Енис Хилми, добитничка на наградата „Новите!“

Разговор со Енис Хилми, добитничка на наградата „Новите!“: Главните ликови во збирката се луѓето

Со збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“ авторката Енис Хилми ја доби наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ за 2024 година, што ја доделува „Темплум“.

Авторката Енис Хилми е родена во Охрид, таму учела основно и средно училиште. Студирала во Истанбул. Работела 13 години во три македонски министерства во Скопје. Еден претпрвомајски ден ја земала чантата и дала отказ. Оттогаш живее на релација Охрид – Берлин, виа Скопје.

Што те поттикна и како се случи учеството на конкурсот „Новите!“ на „Темплум“?

– „Окно“ и „Темплум“. Одамна ми беше познат строгиот критериум на уредникот Никола Гелевски. Па си реков, ете ми можност. Ако помине кај него, ваљда е добро. Ако ништо друго, да не се „филмам“ напразно, туку да си најдам друга занимација. На конкурсот „Новите!“ налетав сосема случајно. И тоа недела дена пред да истече рокот за испраќањето на прозните ракописи. Овој мој фолдер со раскази беше одамна готов. Не беше заборавен, туку си дремеше на мојот десктоп. Ги читам јас така условите на конкурсот и си велам, па имам токму нешто такво да испратам. И едноставно го притиснав копчето „сент“.

По неколку седмици, навистина ме изненади исходот. И ептен ме израдува. И уште и печатена книга, згора на наградата. Но, најмногу од сè ме воодушеви рецензијата на комисијата составена од тројца супер книжевни компаратисти. Тие на збирката ѝ направиле таков прецизен рез и анализа, што ме оставија буквално без зборови. А тоа, верувајте, многу ретко ми се случува.

Од денот на прогласувањето на наградата, ќе го издвојам и чувството кога и некои од другите кандидати се појавија, за да им потпишам примерок од „Градот…“. Тоа некако навистина ме трогна. Ним им посакувам успех на следните конкурси и искрено им порачувам, никогаш да не престанат со пишувањето.

Расказите во збирката опфаќаат подолг временски период. Кога и каде се напишани?

– Збирката е пишувана во времето на пандемијата. Класика од временски период за форматирање книга, нели? Тогаш, бев заробена во природниот охридски хабитат, во мојата нулта точка на живеење, што верувам дека во пандемиското време беше далеку подобра опција отколку големите градови. Зашто, на глетката да не сретнеш со месеци жив човек на улица во Охрид, ние сме веќе одамна навикнати. За среќа, во тоа време и не бев сосема сама, туку со мојот ретривер Тото. Но, останав како и другиот дел од светот, без работни ангажмани, без многу нешта, а и без патувањата и без моите чести престои во Берлин.

Веројатно, толку сум мечтаела за Берлин, заедно со стравот дека кој знае, можеби, после короната ќе се појави и некоја „морона“, што деновите почнав да ги поминувам со пишувачки реминисценции. Така си дојде темата за градот. Тоа беше мојот, во тоа време, единствен начин повторно длабоко да се поврзам и да уживам во градот. Расказите му ги читав на моето куче Тото, кој беше најпосветениот слушател. Не дека толку му се допаѓаа расказите, туку воодушевувањето му беше од 24/7 поминато време заедно. Подоцна им читав на вибер на моите, од Амстердам преку Истанбул и Женева, до Скопје. Си најдовме супер занимација во тие долги пандемиски ноќи.

Берлин ми овозможи да направам културолошки рез меѓу различните светови

Зошто Берлин е градот што „не го засака од прва“, и стана главен лик во расказите?

– Берлин е местото на сите случувања и буквално и преносно, но не е главниот лик на збирката. Иако поради неговата отвореност и космополитски дух, подоцна, стана централна тема во расказите. Берлин само ми овозможи да направам културолошки рез меѓу различните светови. Главните ликови во збирката се луѓето. Во случајов, оние од воената и повоената ЈУ-миграција, моето микро берлинско семејство и по некој Германец. Ќе ги цитирам моите берлински пријатели, дека тоа е градот за сè освен за новокомпонираните богаташи и турбофолкери. Особено на почетокот на милениумот. И е градот што најмногу потсетува на ЈУ и на тогашниот систем на вредности, направен по мерка на човекот. Односно, на тоа какви требаше да бидеме доколку опстаневме. Или барем да наликувавме.

И тој имагинарен и утописки ЈУ-футуризам направи да се почувствувам во Берлин како дома од првиот момент. Добро, од првиот не, зашто не го засакав од прва, но затоа од вториот, тоа се случи доживотно. Настрана напредните институции, редот и поредокот, настрана и стотиците културни настани. Едноставно, тоа беше градот што најдобро дише со секоја различност во себеси. И најважното од сѐ. Градот брутално е искрен по сите аршини. Од институција до фризерница. До договори со луѓе. И, тоа најмногу плени.

Пишувањето на расказите беше единствен начин повторно длабоко да се поврзам и да уживам во градот Берлин

Времето во расказите е ставено во втор план, водиш ли некаков личен дневник?

– Жалам што не водев никаков дневник и не фаќав никакви белешки. Којзнае какви сè детали сум пропуштила. За среќа, сестра ми памети подобро од мене, па често ме потсетуваше на разните случки. Сè е напишано по сеќавање и лични импресии, како еден вид меморизирање на емоциите. Обид за документирање на мојот микро свет, со примеси на фикција. Егзотични детали и живописни описи, но без личен дневник, да, овој наратив е резултат на сеќавања и искуства. Можеби, на крајот, испадна сè да звучи како копнеж по времето, а не како копнеж по просторот.

Берлин

По добивањето на наградата, дали ќе се посветиш на професијата – писателка?

– Не знам. Не знам како се станува тоа. Би била навистина среќна, ако напишам уште некоја книга. Впрочем, имам еден прилично „спастрен драфт“ за книга за деца и за возрасни. Ќе видиме…

Од каде потекнува твојата љубов кон пишаниот збор?

– Отсекогаш сум сакала многу да читам и да пишувам. Особено, да читам. Или, подеднакво. Од моментот на описменување чинам, што би рекле моите родители, голтам книги. Мене и професионално, еден долг период во животот, сè ми се вртело околу јазикот. Но тоа бил оној административниот. А, подоцна кратко, и новинарскиот.

Растев билингвално. Но, се сеќавам дека моите родители ни ги одбираа школите според квалитетот, со особено внимание на наставниците по македонски јазик. Кога ќе добиев петка по биологија, татко ми викаше, ок супер, но ќе ја чекам петката по македонски. Кога ќе донесев петка по македонски, кратко ќе прокоментираше, тоа е таа петка, но на разглас во школо кога ќе читаш? Кога и тоа подоцна стана практика, следното очекување му беше, ајде сега напиши нешто вистински добро, за некој тоа да го објави. Мислам дека во гимназиските денови, тоа беше есејот за „Парадоксот на Диоген“ и подоцна „Странецот на Ками“.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 263, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.01.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот