Фото: Приватна архива

Разговор со Благица Павловска: Црвената боја најубаво „ми лежи“, затоа што црвената боја е љубовна

Фолк-пејачката Благица Павловска вели дека сега е во таа животна фаза кога помалку настапува, а повеќе сака да одмара. Пее главно на турнеи надвор од Македонија, но редовна е на „Охрид фест – Охридски трубадури“, каде што на фолк-вечерта минатата недела, настапи со песната „Езерски солзи“.

– Неодамна бев на одмор на Куба, прекрасно си поминав. По долго време бев, со пријатели од Канада, и инаку претходно не сум била некаде од 1998 година. Уживам слушајќи ја кубанската музика, имаше многу оркестри насекаде, и преку ден и навечер. А инаку, јас никогаш не престанав да снимам. А, што се однесува до настапите, не прифаќам многу, затоа што сакам да уживам во овие години, да не бидам многу оптоварена. Порано знаев да настапувам секој викенд, и сето тоа е добро, меѓутоа, сега не сакам таква обврска. Ќе „скокнам“ до Канада, ќе „скокнам“ до Австралија, таму наскоро ќе имам ангажман од три месеци и таму ќе го надополнам она што ми е потребно – ни изјави Павловска.

Фото: Приватна архива

Фолк-пејачката вели дека времето во овој период ѝ поминува фанстастично, затоа што самата се организира и прави што сака и кога сака. Интензивно снима во студиото „Анастасија“ на Љупчо Павловски, и вели дека едвај чека публиката да ги слушне нејзините нови песни.

– Јас би снимала и би работела и повеќе, но не зависи само од мене. Работам онолку коку што е слободен Љупчо Павловски – вели Благица.

Она со што привлече внимание на охридскиот фестивал е нејзиниот црвен фустан. Зад сцената на Долни Сарај, пред настапот, Благица ни раскажа дека секогаш во последен момент ги купува фустаните за настапите.

– Фустанот го купив во еден бутик во Драчево, во последен момент, пред да тргнам накај Охрид, во еден прекрасен бутик. Јас така правам, во последен момент решавам за мојата облека за настап. Не секогаш, но почесто. Пред да одам на настап, одам во бутик и директно од бутикот одам на настап. Не е важно местото од каде, купувам од таму од каде што нешто ќе ми се допадне. Тоа исто така го направив на едно доделување на награди. Купив фустан и отидов на сцена. Си верувам и си купувам според моето чувство и расположение и боите ги избирам така. Црвената боја најубаво ми прилега, „ми лежи“, затоа што црвената боја е љубовна – вели Благица и додава:

– За љубовта не треба ништо да ме прашувате. Некогаш не се потребни многу прашања. Љубовта никогаш нема да умре, љубовта секогаш ќе ја има, таа е движечка сила – низ насмевка коментира фолк-пејачката.

За песната што ја испеа на „Охрид фест – Охридски трубадури“, Благица вели дека е љубовна и тажна, а текстот го напишал Бранко Николовски, кој ѝ ја понудил уште пред неколку години. Кога го прочитала текстот, Благица веднаш ја напишала музиката.

– А, си реков дека нема веќе да пеам тажни песни. Сум испеала секакви песни, и тажни и весели, но во овој случај, го видов текстот и веднаш ја направив музиката. Како да сум ја пеела песната 100 години. Песната е прекрасна. Станува збор за една жена, која доаѓа во Охрид, за да се присети на некои свои моменти, но без човекот што го сака. Во неа можат да се најдат повеќе луѓе. Некој што некого загубил или го нема повеќе покрај себе. Песната е поврзана со езерото, со солзите и затоа е насловена „Езерски солзи“. Јас ѝ го дадов насловот. Тие што ја слушнаа досега и ја почувствуваа нејзината мелодија, пуштија солза. А и јас. Дојдов во студио да ја снимам и ми дојде наплив на емоции. Ме потсетува на нешто што јас во мојот живот не сум го доживеала или сум го доживеала, па сум се разочарала – ни раскажа Благица.

Аранжманот на оваа песна е на Љупчо Трајковски-Фис.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот