Гоце Наумов пред плакатот за изложбата во Чикаго / Фотографија: Сара Дејли

Разговор со археологот Гоце Наумов: Врвна афирмација на културното наследство од Балканот во Северна Америка

Археолошката изложба „Првите кралеви на Европа“ од 31 март 2023 до јануари 2024 година ќе биде поставена во Филдовиот музеј во Чикаго и пред американската јавност ќе ја претстави предисторијата на Балканот.

Националниот координатор на изложбата „Првите кралеви на Европа“, археологот Гоце Наумов, веќе десетина дена е во Чикаго, САД, каде ги заврши последните подготовки за отворањето на изложбата во Филдовиот музеј, а од таму ни ги испрати првите импресии од поставувањето на изложбата, која е отворена за посета од 31 март. Дел од изложбата претходно беше претставен во Њујорк.

Изложбата „Првите кралеви на Европа“ од Њујорк се пресели во Чикаго. Во каков амбиент и простор е поставена изложбата во Чикаго?

– Примарниот простор на оваа американска турнеја на изложбата „Првите кралеви на Европа“ е во Филдовиот музеј во Чикаго. Тие како иницијатори и главни организатори на оваа турнеја, имаа предвид главната изложба да биде во еден од трите најголеми американски музеи за антропологија, со што ќе ѝ се даде вистински акцент на балканската предисторија. Изложбата во Њујорк беше од помал обем и, пред сè, беше замислена и реализирана како вовед во она што треба да биде целокупно претставување на општествата и ритуалите на Балканот од неолитот до железното време.

Како национален координатор на изложбата вклучен сум во сите процеси на реализацијата на овој проект, така што имам прилика да ги видам просторите каде ќе бидат изложени овие предмети и да учествувам во нивното поставување. Филдовиот музеј е, секако, посоодветен за една ваква масивна изложба, поради монументалниот карактер што овој музеј го има, како во домен на просторот, така и во домен на статусот.

Дизајнот на изложбата е врвен и ги следи стандардите на Филдовиот музеј, така што оваа изложба не е сувопарно прикажување на предмети и бомбардирање со мноштво информации, туку го внесува посетителот во вистинска интеракција со предисториските предмети и идеите што стојат зад нив. Во тоа голема улога имаат мистичниот амбиент сугериран преку светла, реконструкции и илустрации, како и суптилната музика и звуци што создаваат дополнителни асоцијации.

Какви се одгласите од нејзиното поставување во Њујорк?

– Иако помала по обем и замислена како вовед, изложбата во Њујорк помина одлично и предизвика голем интерес, особено што беше придружена со повеќе настани (предавања и тури) и го одржа љубопитството на посетителите. На неа беа претставени стотина предмети што ги истакнуваа ритуалите и верувањата во предисторијата, додека во Чикаго се изложени приближно 700 предмети што покрај овие аспекти, исто така ги илустрираат стопанството, занаетите, статусните симболи и војувањето како клучни во општествените промени што водат од егалитарни земјоделски општества во неолитот до благородничките елити во железното време.

Филдовиот музеј во Чикаго

Станува збор за комплексна изложба. Какви пораки и информации треба да пренесе до американската публика?

– „Првите кралеви на Европа“ дефинитивно претставува најкомплексната изложба на која е презентирана балканската предисторија во Северна Америка. Во неа се вклучени 26 музеи од 11 земји, што е неверојатно сложен административен и логистички процес, а кој се покажа дека е возможно да се реализира со огромен труд и почит меѓу сите соработници. Тука особено голема улога играат и македонските музеи, Завод и музеј – Битола, Музеј – Гевгелија и Завод и музеј – Прилеп, кои со предмети од нивните колекции значително придонесоа да се збогати сликата за балканската предисторија. Тоа воедно значи и голема светска афирмација на овие музеи и на македонското културно наследство, што несомнено е заслужено и воедно неопходно да се реализира.

Иницијалната порака на изложбата е да пренесе како човештвото е подложено на постојано менување и како од една форма на општествена организација постепено се преминува во други. Во таа смисла, преку една предисториска перспектива може да се разгледува времето во кое живееме и промените што нè очекуваат во иднина, и тоа особено следните генерации.

Од друга страна, изложбата има за цел да го доближи и Балканот до американската популација, која и не знае многу за земјите во овој регион и особено за нивната предисторија. Освен што на овој континент Балканот е познат како релативно проблематичен регион во историјата, преку оваа изложба се сугерира и неговата клучна улога во создавањето на првите европски кралства во доцната предисторија.

Изложбата во Чикаго содржи околу 700 артефакти од 26 музеи од 11 земји

Што за македонската археологија и праисторија значи претставувањето на изложбата во САД?

– Оваа изложба претставува голем исчекор за македонската археологија, бидејќи првпат во Северна Америка се изложуваат археолошки артефакти од Македонија. Ова е нешто што требаше да се случи пред многу децении, меѓутоа смогнавме сили со македонските колеги тоа да го направиме сега и веруваме дека овој ангажман ќе има голема улога во афирмирањето на културното наследство, но и во промовирањето на Македонија пред светот.

Во секој случај, изложбата „Првите кралеви на Европа“ на некој начин го верификува она што досега е направено во рамките на истражувањата на македонската предисторија и дополнително придонесува во уште потемелно толкување различни сегменти од нејзиниот развој. Тоа, всушност, ја става и македонската археологија рамо до рамо со светската, особено преку истакнувањето на тековното толкување и презентирање предмети што мошне јасно ги објаснуваат различните стадиуми на предисторијата.

Овие предмети им беа делумно познати на неколку стручњаци, меѓутоа со оваа изложба тие ѝ се доближуваат на пошироката јавност, како на научната, така и на сите љубители на минатото. Тука особено важна улога одиграа археолозите Атила Гјуча и Вилијам Паркинсон од Филдовиот музеј, кои се иницијатори на оваа изложба и кои препознавајќи го она што го работам во археологијата, ме поканија да учествувам во овој масивен проект. Ним им должиме голема благодарност за тоа што имаме можност да ги претставиме и афирмираме нашето културно наследство и македонската археологија, а кое верувам е доближено до јавноста на врвно ниво.

Дали Чикаго е последната станица на изложбата?

– Изложбата „Првите кралеви на Европа“ ќе биде поставена во Чикаго до крајот на јануари 2024 година. Тоа ќе биде добра можност за балканската, но особено и за македонската дијаспора што живее во САД, да види археолошки предмети од краиштата на нивното потекло. На тој начин ќе се запознаат со она што се случувало во Македонија и на Балканот пред илјадници години. После Чикаго, изложбата патува во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава, која ќе биде прилагодена за тамошната публика и ќе добие поинаков изглед. Таа таму ќе биде поставена до крајот на 2024 година, после што се враќа во своите изворни музеи.

Иако турнејата на „Првите кралеви на Европа“ завршува во 2024 година, сепак важните предисториски концепти и сите предмети вклучени во неа остануваат заедно во книгата со трудови и каталогот посветени на овој проект. Овие извонредно изработени публикации, издадени за престижниот Институт „Котсен“ на Универзитетот во Лос Анџелес, и натаму ќе продолжат да ги пренесуваат идеите вткаени во овие прекрасни предисториски предмети, но и да ги споделуваат толкувањата на балканските и американските археолози за нив.

Секако, реализацијата на оваа изложба не завршува само со турнејата и публикациите, туку благодарение на одличната соработка меѓу различни стручњаци и институции, веќе вродува со идни вмрежувања и натамошна афирмација на предисториското културно наследство од Македонија.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот