foto: Слободен печат / Драган Митрески

Растот на платите ја губи трката со синдикалната кошница

За 6 месеци просечната плата се зголемила за 2.397 денари, а минималната синдикална кошница за 3.162 денари. Кои се законските механизми за усогласувањето на платите и на пензиите со инфлацијата?

Сојузот на синдикати ја објави августовската потрошувачка кошница и за едно четиричлено семејство, ако имаат сопствен стан, се потребни најмалку 61.199 денари. Вчера излегоа и податоците од Државниот завод за статистика за просечната нето-плата и таа во јуни била 41.939 денари. Податоците покажуваат дека растат и платите и трошоците за живот. Но, кој добива во таа „трка“?

Бидејќи немаме августовски податоци за плати, споредуваме јунска кошница со јунска просечна нето-плата. Во јуни кошницата била 60.325 денари, и таа е за 3.162 денари поскапа од јануарската. Истовремено растот на платите во тој период е 2.397 денари, што значи дека растот на платите ја губи трката со растот на потрошувачката кошница.
Овие податоци се поразителни за животниот стандард на населението. Со закон тој се штити на два начина – со пораст, односно индексација на минималната плата и со усогласување на пензиите.

Од 2022 година, во согласност со законските измени, минималната плата се усогласува еднаш годишно во март и важи со исплата на мартовската плата. Усогласувањето на половина од минималната плата е со порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година, а другата половина со порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Моменталната минимална плата е 22.567 денари. Ова значи дека со две минимални плати не може да се покрие минималната кошница и дека дупката ако двајца во семејството се на минималец, ќе биде дури 16.065 денари!

Според работодавачите со кои разговараше „Слободен печат“, минимална плата веќе и не се дава. Сепак, пребарувањето низ огласите за вработување, објавени во Агенцијата за вработување, покажува дека такви плати има за позиции хигиеничар, касиер, шанкер…

Минималната синдикална кошница ќе се задоволи со две просечни плати и ќе има дополнителни 20-ина илјади денари за подостојна живејачка место минимално преживување. Но, кога се зборува за просечна плата, често реакциите се дека иако статистички тоа е просекот, во реалноста тоа не е честата плата.

Во Македонија, според последните податоци од Фондот за ПИОСМ, има 337.871 пензионери, а просечната пензија е 22.187 денари. Меѓутоа, според структурата на примањата, дури 126.168 пензионери, или 37,3 проценти имаат пензија до 16.909 денари.

Заштитата на нивниот стандард законски се врши со две усогласувања – во март и во септември. И овде усогласувањата се вршат како и на минималната плата, така што усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во државава, исто во висина од 50 отсто. Но, како што е познато, овој септември и во март наредната година ќе изостане законското усогласување, а ќе има раст на пензиите линеарно – по 2.500 денари, со цел да им се помогне на оние со најниските пензии.

Синдикатите побараа вакво „ад хок“ решение и за минималната плата. Тие бараат нејзино зголемување на 450 евра. Министерот за економија Бесар Дурмиши пред два месеца рече дека за ова ќе се разговара на првата седница на Економско-социјалниот совет, но министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека во однос на ова барање од Синдикатот се потребни темелни анализи. Доколку се зголеми минималната плата, тоа ќе ја засегне и администрацијата. Со ребалансот на Буџетот, иако е предвидено зголемување на износот за плати на администрацијата, не е предвидено да се зголеми минималната плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот