Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Распадната оградата на МНТ, нема ништо од најавите за поправки на објектот

Од Министерството за култура на сметката на театарот годинава легнаа 9.2 милиони денари или околу 150 илјади евра. Сепак, парите се поделени на повеќе намени како драмска дејност, меѓународна соработка, издавачка дејност, европски интеграции, како и за одржување на објектот и опремата.

Дупки во фасадата, излупена и оштетена ограда, уништени зеленила се глетката со која секојдневно се соочуваат минувачите и гостите во објектот на најстариот и најреномиран театар во државата. После бројни поплави во подрумите, оштетувања и кршење на фасадите и останати интериерни дефекти, директорот на Македонскиот Народен Театар, Никола Кимовски најави дека оваа јубилејна 80-та година од постоењето на установата, конечно ќе следат посериозни реновирања.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Според овогодинешните решенија на Министерството за култура, кои опфаќаат финансиски средства за сите национални установи, на сметката на МНТ легнаа 9.2 милиони денари или околу 150 илјади евра. Сепак, парите се поделени на повеќе намени како драмска дејност, меѓународна соработка, издавачка дејност, европски интеграции, како и за одржување на објектот и опремата.

За одржувањето на објектот се предвидени 1.1 милион денари, навидум доволно, но според оштетувањата на надворешниот и видлив дел од објектот и фактот дека се уште не е започнато санирање и реновирање, веројатно оваа сума не е доволна за голем проект преку кој ќе бидат поправени сите овие недостатоци.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

-Покрај програмскиот дел, во јубилејната година ќе се работи и на поправки на објектот и на техниката и ќе се почне од најкритичните – санирање на прокапувањето од еден балкон во фојаето и етапно инвестирање во „влошеното осветлување“ на објектот, внатре и надвор. Пред сѐ, осветлување на страната кон Вардар која ноќе е мрачна и која, дава чувство како да не се наоѓаме во центарот на Скопје – рече Кимовски на прославата на осумте децении од постоењето на МНТ.

Покрај осветлувањето и балконите, состојбата во која се ноаѓаат надворешна ограда и зеленилото околу неа, поставени со последното реновирање е прилично лоша. Обраснати или уништени треви и растенија, излупена боја и скапана ограда се дел од видливите проблеми за граѓанското око.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Во однос на санирање на балконите, директорот соопшти дека за санација на само еден балкон во МНТ се потребни 12 милиони денари, а со оглед дека оваа година за одржување и опрема на тетарарот му се доделени само 1.139.000 денари, нема друг избор освен поправките да се вршат етапно, а за нив установата ќе мора да соработува со надворешни партнери и спонзори.

На прашањата до МНТ и до Министерството на култура во однос на овие најави за реновирање и кога тоа ќе започне, а воедно и дали Министерството има во план да му додели повеќе средства на Македонскиот народен театар за санирање на обемните проблеми, не добивме одговор ниту од една од институциите.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Проблеми има очигледно многу и тие бараат посебно внимание и навистина голема сума на пари за нивно решавање, но засега сѐ уште нема видливи реакции и јасен почеток на санирањето на дел од инфраструктурата на театарот која со години скапува и се оштетува.

Препознатливиот објект на МНТ оригинално беше изграден во декември 2013 година, како дел од познатиот проект „Скопје 2014“, а за неговата изградба беа потрошени околу 38 милиони евра.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Само осум години по неговата изградба, во 2021 година, поројни дождови предизвикаа протекувања во објектот, па зградата мораше да подлегне на посериозна реконструкција. Неполни четири години подоцна, надворешниот дел од објектот е повторно сериозно оштетен, а на делови и скапан. Останува да се види дали најавените реконструкции ќе бидат поуспешни и поквалитетни и дали ќе потраат подолго од четири години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот