Авиони на Рајанер / Фото Архива на СП

Рајанер воведува драстични казни за патниците кои создаваат неред во авионот

Патниците на Рајанер чие несоодветно однесување резултира со нивно отстранување од авионот во иднина автоматски ќе бидат казнети со најмалку 500 фунти (околу 585 евра), објави компанијата. Најголемата европска авиокомпанија вели дека ова е минималната казна и дека ќе продолжи законски да бара надомест од отстранетите патници, вклучувајќи ги сите дополнителни трошоци настанати поради инцидентот, пишува Гардијан, пренесува „СЕЕ.биз.еу“.

Рајанер, кој во деловната 2024/25 година превезе повеќе од 200 милиони патници, тврди дека ваквите инциденти се ретки и изолирани, но дека им се случуваат на сите авиокомпании и дека се предизвикани од „мал број недисциплинирани патници“. Проблематичните патници веќе ризикуваат високи казни, кривични пријави, па дури и затворски казни. Британската агенција за регулирање на воздухопловството CAA истакнува дека од таквите патници може да се бара да ги платат трошоците за пренасочување на авионот, што лесно може да надмине 10.000 фунти.

За консумирање алкохол и пијанство во авионот е предвидена максимална казна од 5.000 фунти и до две години затвор, додека за посериозно дело загрозување на безбедноста на летот е пропишана казна до пет години затвор. Главниот извршен директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, претходно побара ограничување од не повеќе од два алкохолни пијалоци по патник на аеродромите, со цел да се спречи сè понесоодветното однесување на летовите. Во јануари оваа година, „Рајанер“ покрена судска постапка во Ирска против патник кој наводно го прекинал летот до Канарските Острови во 2024 година. Авионот што летал од Даблин до Ланзароте морал да биде пренасочен кон Португалија, а авиокомпанијата сега бара отштета од 15.000 евра, што би ги покрило трошоците за ноќевање и други дополнителни трошоци за 160-те патници кои изгубија цел ден одмор поради инцидентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот