
Рајанер бележи огромен раст на профитот
Ирскиот нискобуџетен авиопревозник Рајанер денеска објави скок на приходите и профитот во првата половина од деловната година благодарение на значително повисоките цени и силната побарувачка во текот на летната сезона. Рајанер го затвори шестмесечниот период до крајот на септември со добивка по оданочување од 2,18 милијарди евра, што е за 59 отсто поголема отколку во истиот период минатата деловна година.
Препорачано
Нејзините приходи скокнаа за 30 отсто, на 8,58 милијарди евра, при што цените на билетите се за 24 отсто повисоки од истиот период минатата година. Компанијата од април до септември превезла 105,4 милиони патници, 11 отсто повеќе од истиот период лани.
Ирскиот превозник го зголемува капацитетот многу побрзо од повеќето конкуренти, искористувајќи го бумот во патувањата по укинувањето на мерките против пандемијата. Во периодот од јули до септември превезле 25 отсто повеќе патници отколку во претпандемиската 2019 година.
Вкупниот капацитет на европскиот пазар е намален во летниот квартал за седум отсто во однос на 2019 година, покажуваат податоците на Еуроконтрол, кој управува со европскиот воздушен простор. Извршниот директор на Рајанер, Мајкл О’Лири проценува дека проблемите со моторите на Прат и Витни најверојатно ќе го ограничат капацитетот на конкурентите кои летаат со авиони на Ербас во следната летна сезона.
Американскиот производител на мотори објави на крајот на јули дека ќе бидат потребни до 60 дена за проверка и евентуално поправка на најмалку 1.200 контаминирани мотори со Гирд Турбофан инсталирани во авионите Ербас А320нео. Главните купувачи на авионите Ербас А320нео се Спирит Ерлајнс, ЏетБлу Ервејс, Хаваи Ерлајнс и Визер, според компанијата за воздухопловни податоци Цириум.
Во целата деловна година што завршува март 2024 година, Рајанер очекува добивка по оданочување во опсег од 1,85 милијарди до 2,05 милијарди евра, претпоставувајќи ограничена загуба во традиционално послабата втора половина од годината. Проценката сепак во голема мера зависи од нормалното работење, забележува извршниот директор, издвојувајќи ја ситуацијата во Украина и Газа меѓу потенцијалните негативни фактори.
Последните три месеци од оваа година би требало да бидат „релативно добри“, изјави финансискиот директор Нил Сорахан, додавајќи дека цените на билетите треба да бидат околу петнаесет отсто повисоки отколку на крајот на 2022 година. Деловната ситуација на почетокот на 2024 година е тешко да се процени, но ублажувањето на инфлацијата во Европа е добар знак, додаде Сорахан.