Работното место не е кафеана, сè повеќе газди посегаат по тестови за алкохол

Тестирањето може да се врши само со потпишана изјава за согласност од работникот. Меѓутоа, доколку вработениот одбие да се тестира, работодавачот сè уште има право да го отстрани од работното место и да поведе дисциплинска постапка, вклучително и опомена, суспензија или отпуштање

Отказ без отказен рок може да добие работник што ќе дојде пијан на работа, но законски само МВР може да изврши тестирање на алкохол, односно на барање на газдата, оваа обврска може да ја делегира на од компанијата ангажираната агенција за обезбедување. Притоа тестирањето може да се врши само со потпишана изјава за согласност од работникот. Меѓутоа, доколку вработениот одбие да се тестира, работодавачот сè уште има право да го отстрани од работното место и да поведе дисциплинска постапка, вклучително и опомена, суспензија или отпуштање.

Во последниве години некои компании, особено во градежниот и во транспортниот сектор, имаат проблем со злоупотребата на алкохол на работното место, која од една страна го загрозува здравјето на работникот, а од друга страна може да оштети машина или друго скапо моторно возило. Неофицијално, за да се заштитат, дел од газдите во последно време самоиницијативно набавуваат алкотестери (дрегери) или рапид тестови. Членот 82 од актуелниот Закон за работни односи е јасен и вели дека „таботодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок доколку тој внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства“.

Весна Томовска, експертка по трудово право и поранешна директорка на Државниот трудов инспекторат за труд за „Слободен печат“, објаснува дека ова е специфичен предизвик за компаниите, кои инсистираат во најновата верзија на Законот за работни односи да се конкретизира надлежноста за алкохолното тестирање. Според Томовска, во случај на евентуална повреда при работа, одговорност презема работодавачот, без разлика дали вработениот бил во алкохолизирана состојба или не. На овој начин, компаниите се штитат самите за да не дојде до несреќи на работното место.

– Компаниите не смеат сами да ги контролираат вработените, бидејќи ова е исклучива законска надлежност на полицијата, која може да ја пренесе оваа обврска на ангажираните обезбедувачи. Се разбира, тестирањето мора да биде со согласност на вработениот. Сето ова е во колизија со актуелниот Закон за работни односи, кој дозволува отказ без отказен рок за некој кој дошол пијан или потпивнат на работа, но прашањето е кој ќе го спроведува тестирањето? Сега се поставува прашањето дали МВР во новиот закон ќе се откаже од оваа надлежност – објаснува Томовска.

Поранешната директорка се сеќава дека пред некоја година имало случај кога поради пијанство на работник била уништена цела производна линија.

– Штетата беше огромна и случајот заврши на суд. Во последниве години особено големите странски компании инсистираат да се им се овозможи тестирање, оти имаат по неколку илјади вработени, а само некој да се повреди на работното место, ќе бидат изложени на високи отштети – додава Томовска.

Правилник што секој ден ги предупредува вработените во беровски Комуналец дека може да бидат тестирани и ако пиеле алкохол ќе добијат казна или отказ, лани осамна на влезните врати на ова јавно претпријатие. Ваква практика имало и во други градови, а вработен во РЕК Битола, кој бегал преку прозорец за да не го тестираат, завршил на суд, објави лани Радио Слободна Европа.

– Со оглед на природата на работењето, машините и опремата што се користат во работењето, јавното претпријатие воведува нулта толеранција за секој вработен под дејство на алкохол – пишуваше во документот.

Голема врева во 2018 година се крена откако беше обелоденето дека една домашна македонска компанија барала од вработените на работно место да ги проверува дали имаат алкохол или наркотици во организмот. Од нив се барало да потпишат изјава за согласност со која потврдуваат дека се запознаени со последиците, односно дека работодавачот има право да ги отпушти без отказен рок доколку се утврди дека употребувале или се под дејство на алкохол и наркотични средства додека се на работа. Тогаш од Дирекцијата за заштита од дискриминација, рекоа дека приватна компанија не смее да прави такви тестови туку тоа можат да го направат само овластени органи.

 Хрватска ги тестира возачите во јавниот превоз, обезбедувачите и луѓето што работат со пари

Бугарскиот закон не ги предвидува експлицитно постапката и условите за спроведување тест за употреба на алкохол од страна на вработен за време или пред работа. Единствените барања во тамошното законодавство поврзани со тест за употреба на алкохол се за транспортните работници.

Според хрватскиот Закон за безбедност и здравје при работа, работодавачите се одговорни за обезбедување безбедна работна средина за сите свои вработени. Еден од клучните аспекти на оваа одговорност е проверка за присуство на алкохол или други супстанции што предизвикуваат зависност кај вработените. Тестот мора да се спроведе на начин што ја почитува приватноста на вработените, а вработените мора да бидат информирани за постапката и за резултатите од тестот како и за присуството на сведоци за време на тестот. Работникот се смета за под дејство на алкохол ако има повеќе од 0,0 милиграми алкохол во литар издишан воздух, што укажува на нулта толеранција за проблемот со алкохолизмот на работното место.

Инаку, сè повеќе хрватски компании ги испраќаат своите вработени на тестирање за дрога и други опојни дроги, додека некои бараат такво тестирање како дел од редовниот систематски преглед. Резултатите покажуваат дека ова не е без причина, кои се разновидни и, за да се заокружи сè, најчесто покажуваат дека некои од тестираните се позитивни на марихуана или на амфетамини, но може да се открие и консумирање потешки дроги, објави РТЛ. Тестирањето е особено пожелно, на пример, за возачите на јавен превоз, обезбедувачите и луѓето што работат со пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот