
Работните групи за ребалансот (не) ја решаваат политичката криза во Битолскиот Совет
На вчерашната маратонска седница на Советот на Битола, се чини дека советниците изнајдоа решение за излез од политичката криза која веќе неколку месеци го потресува Битолскиот Совет.
Препорачано
На седницата на Советот беа формирани работните групи коишто заедно со општинската администрација уште од денес и во наредните денови ќе се обидат да ги усогласат амандманите и истите да ги вклопат во ребалансот и во рамката на буџетот.
Дали работните групи во кои членуваат советници од сите политички партии во Советот ќе успеат да ги надминат недоразбирањата и своите политички суети и да го усвојат ребалансот на буџетот, ќе се знае во наредните денови.
Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека потребен е брз, но и квалитетен ребаланс со цел да се откочат сите процеси што се закочени во Општина Битола.
– Да се разгледаат сите предлози, што се предложени од советничките групи кои се реално остварливи и да влезат во овој ребаланс за да продолжи работата на Општината Битола, јавните претпријатија, спортските клубови итн. Да не се става дамка врз Советот дека го кочи нормалното функционирање на Општината Битола-вели координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и заменик градоначалник Бојан Бојкоски.
Според советникот на СДСМ Борче Корлевски инаетот и неработењето никаде не водат и дека граѓаните повеќе не ги слушаат алиби политиките.
– Конструктивноста како СДСМ ја покажавме на дело. Ние сме подготвени на сите работни тела, дека тоа што не може службите на Општината да го изработат, ние имаме готов ребаланс како можат да ги вметнат сите амандмани на сите советнички групи во Советот-вели советникот на СДСМ, Борче Корлевски.
Советничката на партијата ДОМ, Анастасија Трајковска смета дека работните групи што беа формирани кога Советот го усвои ребалансот на буџетот што не беше вчитан од Министерството за финансии, време е да почнат да работат и сите советници да носат одлуки што се корисни за граѓаните на Општина Битола.
– Најлесно е да се критикува, ама состојбата моментно во Советот на Општина Битола е таква да мора да земат учество сите советници, а не само да критикуваат-вели советничката на ДОМ, Анастасија Трајковска.
Работните групи треба да направат промена на ребалансот, бидејќи кога се поднесуваа амандманите, имаше нереални проекти кои имаат тенденција да го блокираат нормалното функционирање на градот, велат советниците на Левица.
– Амандмански се внесуваа високи суми и сега мора да се направат отстапки што ќе бидат во полза и на ребалансот, Општината Битола, но и за граѓаните на Битола-вели советникот на Левица, Горан Велевски.
Градоначалникот Тони Коњановски на вчерашната седница, побара од советниците да ги надминат личните ставови, суети, желби и сите заедно да работат во интерес на битолчани.
– На Битола и требаат разумни проекти, изгласани од мнозинството советници, коишто ќе го препознаат квалитетот на проектите, во интерес на граѓаните. Предлог ребалансот на буџетот, ја задржува основната форма на претходниот предлог и истиот е надополнет и со други капитални проекти, за кои имаме изготвена проектна документација и се дел од развојната програма и Програмата за уредување на градежно земјиште, додека за дел од проектите преку Програмата за економски развој се планира изработка или доизработка на проектна документација.
Во Советот често од говорницата бевме критикувани дека немаме капитални проекти. Но, бројките од вториот квартал, го докажуваат сосем спротивното. До 30 јуни се реализирани 29.18% од капиталните расходи, или 111.325.057,00 денари. Нашите анализи, направени за изминатите 6 години, говорат за одлична реализација за капиталните проекти во оваа година и во изминатата 2022 година-рече градоначалникот Коњановски и додаде дека секој добронамерен и буџетски одржан предлог ќе биде земен предвид со ребалансот, само со една и единствена цел, да не се блокира функционалноста на градот.