
Работа од соништата: Јапонец го плаќаат за да не прави ништо
Шоџи Моримото го има она што некои би го гледале како работа од соништата: тој е платен да не работи речиси ништо.
Препорачано
38-годишниот жител на Токио наплаќа 10.000 јени (70 долари) по резервација за да ги придружува клиентите и едноставно постои како придружник.
„Во суштина, се изнајмувам себеси. Мојата работа е да бидам каде што сакаат моите клиенти и да не правам ништо посебно“, изјави Моримото за Ројтерс, додавајќи дека во изминатите четири години имал околу 4.000 резервации.
Со слаба градба и просечен изглед, Моримото сега може да се пофали со речиси четвртина милион следбеници на Твитер, каде што ги наоѓа повеќето свои клиенти. Приближно една четвртина од нив се постојани клиенти, вклучително и еден кој го вработил 270 пати.
Но, луѓето не можат да го „изнајмат“ Моримото за да им ги врши работите. Така на пример, тој ги одбил понудите да премести фрижидер и да оди во Камбоџа и не прифаќа никакви барања од сексуална природа.
Минатата недела, Моримото седел спроти Аруна Чида, 27-годишна жена, разговарајќи за чај и колачи. И за тоа тој добил пари.
Чида сакала да ја носи индиската облека на јавно место, но била загрижена дека може да ги засрами нејзините пријатели. Затоа се обратила кон Моримото за да може да ја дружи.
Пред Моримото да ја најде својата вистинска „професија“, тој работел во издавачка компанија и често бил критикуван затоа што „не правел ништо“.
„Почнав да се прашувам што ќе се случи ако ја дадам мојата способност да „не правам ништо“ како услуга на клиентите“, рече тој.
Бизнисот со дружење сега е единствениот извор на приход на Моримото, со кој ги издржува сопругата и детето. Иако одби да открие колку заработува, тој рече дека се гледа со еден или двајца клиенти дневно. Пред пандемијата тој се гледал и со до три или четири клиенти на ден.
„Луѓето имаат тенденција да мислат дека моето „да не правам ништо“ е вредно затоа што е корисно (за другите). Но, добро е навистина да не правам ништо. Луѓето не мора да бидат корисни на некој специфичен начин“, рече тој.