
Путин: За долгорочно решение мора да се отстранат корените на украинската криза
Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека за долгорочно решение мора да се отстранат корените на украинската криза.
Препорачано
„За да биде украинското решение одржливо и долгорочно, мора да се отстранат корените на кризата, за кои зборував многу пати претходно, и мора да се воспостави фер рамнотежа во безбедносната сфера“, рече Путин во Тјенџин на состанокот на Советот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка (ШОС), пренесува РИА Новости.
Според него, рускиот пристап кон украинската криза е дека ниедна земја не може да ја обезбеди својата безбедност на сметка на друга.
„Систем што би ги заменил застарените евроцентрични и евроатлантски модели и би ги земал предвид интересите на најширокиот можен круг земји би бил навистина избалансиран и затоа нема да дозволи обидите на некои држави да ја обезбедат својата безбедност на сметка на безбедноста на другите. Користејќи ја оваа можност, би сакал да кажам дека руската страна се придржува до истите пристапи во врска со кризата околу Украина“, рече Путин.
Како што оцени, ШОС дава опиплив придонес во зајакнувањето на атмосферата на соработка и меѓусебна доверба низ целиот евроазиски континент, со што помага во создавањето политички и социо-економски предуслови за формирање нов систем на стабилност, безбедност и мирен развој во Евроазија.
Претседателот на Русија потсети, според РИА, дека како резултат на државниот удар во Украина во 2014 година, политичкото раководство на земјата, кое не го поддржа влезот на Украина во Северноатлантскиот блок, беше заменето.
„Во овој поглед, да ве потсетам дека оваа криза не настана како резултат на рускиот напад врз Украина, туку како резултат на државен удар во Украина, кој беше поддржан и испровоциран од Западот“, рече Путин.
Како што вели тој, втората причина за кризата се постојаните обиди на Западот да ја вовлече Украина во НАТО, што претставува директна закана за безбедноста на Русија.