
Путин и Моди за зајакнување на партнерските иницијативи и мир за Украина
Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, изјави дека соработката меѓу Русија и Индија активно се развива врз основа на принципот на „специјално привилегирано стратешко партнерство“, а премиерот на Индија, Нарендра Моди, нагласи дека Индија се залага за мирно и дипломатско решение на војната во Украина.
Препорачано
На средбата со Моди, одржана на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), Путин потсети дека на 21 декември ќе се навршат 15 години од усвојувањето на заедничката декларација со која односите меѓу двете земји се подигнати на тоа ниво, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
„Со сигурност може да се каже дека повеќеслојните руско-индиски односи активно се развиваат врз основа на овие принципи. Воспоставена е повеќеслојна соработка“, рече Путин.
Тој додаде дека трговската и економската соработка покажуваат позитивни трендови и дека туристичката размена се развива.
„Денес имаме добра можност да разговараме за клучните задачи за понатамошен развој на нашата соработка во различни области“, рече претседателот на Русија.
Во исто време, индискиот премиер Нарендра Моди, за време на средбата со Путин, изјави дека Индија ги поздравува сите неодамнешни напори за наоѓање мирно решение за конфликтот во Украина.
„Ги поздравуваме сите нови иницијативи за воспоставување мир и се надеваме дека сите страни ќе пристапат кон процесот конструктивно“, рече Моди и изрази поддршка за брзо завршување на конфликтот.
Тој истакна дека Индија и Русија редовно се консултираат за ситуацијата во Украина.