Фото: Фејсбук / Драган Ковачки

Пуштена во употреба железничката делница Куманово-Бељаковце, функционерите први ја „пробаа“

Првата фаза од пругата кон Бугарија денеска беше пуштена во употреба. Станува збор за делницата Куманово-Бељаковце, а на церемонијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, голем број владини и претставници од ЕУ. Тие заедно со медиумските екипи извозеа 31 километар по пругата, чијашто изградба чинеше 78 милиони евра.

Надлежните велат ова е пруга која ќе значи економски напредок на овој регион, ќе значи поврзување со соседите и подобрување на животот на граѓаните. Денешниот ден го нарекоа историски, потсетувајќи дека станува збор за проект кој ја преживеа транзицијата, надживеа повеќе влади и нивни ветувања.

– Она што претставува една важна симболика е што изградбата на ова пруга претставува и еден синоним за победа на една неуспешна и криминална транзиција и победа над сите лажни ветувања за градбата на оваа пруга која постојано беше ветувана не само во 90-тите години, туку и две и пол децении потоа. Последниот воз кој се обратил на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите за жал, на многу влади потоа – рече премиерот.

Државата претставува природна крстосница на двата коридори 8 и 10, рече Мицкоски и додаде дека ова за Владата се стратешки проекти. Тој е убеден дека наскоро ќе се заврши втората секција, како и тендерската процедура за третата секција, со што целосно железнички ќе се поврземе со источниот сосед.

– Со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор не само за ЕУ, туку и за НАТО Алијансата, а тоа е коридорот којшто ги поврзува Бугарија, Македонија, Албанија, а потоа и Италија односно коридор 8 којшто ги поврзува Црното море со Јадранското – рече премиерот.

Пругата Куманово – Бељаковце е со должина од 30,8 километри и на неа се изградени три нови железнички станици (Ново Куманово, реконструирана постоечката железничка станица Куманово, 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел, пропусти со различен дијаметар, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови, горен строј и сигнализација и телекомуникација. На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 000 000 евра, алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи, лед осветлување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот