„Пуцко петрол“ / фото: club200.mk

„Пуцко петрол“ вели дека не увезувала мазут: „Се нарушуваат угледот и реномето на компанијата“

Компанијата реагира на пишувањата на медиумите кои ја поврзуваат со спорни набавки на мазут, појаснувајќи дека таа никогаш не го увезувала тој енергенс во земјава

Компанијата „Пуцко петрол“ попладнево испрати соопштение во кое „категорично отфрла каква било вмешаност со набавката на мазут“. Од компанијата велат дека нејзиното име „непотребно се споменува во целиот случај“ со спорната набавка на мазут за државни потреби, која е предмет на истрагата во чии рамки е осомничен и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски.

Тие ги отфрлаат наводите во дел од медиумите со кои се претставува „Пуцко петрол“ како увозник на мазут и добавувач на мазут на ЕСМ, што компанијата „категорично го демантира“.

„Нападот врз „Пуцко петрол“ го сметаме за тенденциозен обид за нарушување на угледот на компанијата и семејството. Категорично отфрламе било каква вмешаност со набавката на мазут и достава на истиот до ЕСМ. Никогаш не сме увезуале мазут и доставувале до ЕСМ. Низ годините сме докажана нафтена компанија, која соработувала со илјадници приватни и државни институции, реализирајќи ги нивните барања во целост, согласно законот, при што во моментот долгот на јавните установи спрема „Пуцко петрол“ надминува една милијарда денари.

„Пуцко петрол“ не е дел од никаква постапка за мазут, која се води за „РКМ“, нагласуваат од компанијата, објаснувајќи дека тој дел од постапката е поврзан со компанијата на Ратко Капушевски, „РКМ“.

„Ги молиме медиумите да пласираат точни и проверени информации, затоа што со овие дезинформации се нарушува угледот и реномето на компанијата, со што се прават и досега се веќе направени штети од големи размери и се прави искривување на вистината и фактичката состојба“, велат од компанијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот