
Први во потрошувачката кошничка ќе ѕирнат членовите на ЕСС, но не се знае кога!
Седницата на ЕСС, која би била трета по ред годинава, не е на повидок, оти и натаму се води битка за репрезентативноста на синдикатите, кои исто така треба да се произнесат за минималната потрошувачка кошничка
Содржината на новата просечна минимална кошничка се крие „како змија нозете“, а така ќе биде сè додека не помине на Економско-социјалниот совет. Од друга страна, седницата на ЕСС, која би била трета по ред годинава, не е на повидок, оти и натаму се води битка за репрезентативноста на синдикатите, кои исто така треба да се произнесат за неа. Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, за „Слободен печат“, бара разбирање за „тајноста“ на овој проект и кусо одговара дека неговата изработка е готова, без да изнесува детали по што ќе се разликува од досегашната синдикална кошничка.
Препорачано
Едно е јасно, таа ќе биде готова до пред локалните избори, а според Ристески, граѓаните ќе добијат квалитетна пресметка. Според податоците на Државниот завод за статистика, кај нас домаќинствата најмногу консумираат леб, потоа компир и јужно овошје, додека од месо најмногу јадеме пилешко и други преработки од месо, како и свинско и говедско. Од овошје, освен јужно овошје, граѓаните најмногу јадат јаболка и бостан, а најмалку јадат цреши и вишни и круши. Од зеленчук, освен компир, најмногу јадеме пиперки, домати, а најмалку грашок и боранија.
– Работиме, но пред да ја разгледа ЕСС, не може да откриваме детали. Ќе биде квалитетна и затоа не брзаме – ни рече Ристески.
На последната седница на ЕСС во февруари беше договорено да има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов претходно рече дека потрошувачката кошничка на синдикатот реално ги покажува потребите, но дека стојат на располагање доколку државата има потреба од нивната експертиза во пресметките.
– ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка што се покажа како единствен релевантен податок. Ако грешката е што во неа се ставени сезонски овошја, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка – порача Трендафилов. Според него, синдикалната минимална кошница можеби во моментот е единствениот релевантен параметар, врз основа на кој можеме да се следат цените на оние 63 основни прехранбени производи што се дел од неа. Тоа што загрижува е што од податоците произлегува дека е зголемена за повеќе од шест илјади денари, односно 6.089 денари за една година.
Тој посочува дека укинувањето на кошничката нема да го подобри животниот стандард на граѓаните.
– Ако престанеме да ја пресметуваме, дали ќе живееме подобро? Не – вели Трендафилов.
За потсетување, вредноста на синдикалната минимална кошница за мај изнесуваше 63.908 денари, а споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за април што изнесуваше 62.691 денари беше зголемена за 1.217 денари.
– Една минимална плата според податоците од Синдикалната минимална кошница не го покрива само делот на потребите на едно четиричлено семејно домаќинство само за храна и пијалоци, а 3 (три) минимални плати во Македонија едвај ја покриваат вредноста на Синдикалната минимална кошница, која за потсетување не покажува со колку може да се преживее, туку покажува дека не се живее ни со толку! 34 отсто од населението што ја напуштило Македонија, а од кои најголем дел квалификувани работници, не заминале затоа што имале добра куповна моќ, туку затоа што не можеле да си дозволат и да ги купат и најосновните прехранбени производи! Излегува дека 34 отсто од населението отишло да пазари во 10 држави на Европската Унија од кои имаме подобра куповна моќ, или веројатно сите ние треба да си купиме розови очила – коментираше Трендафилов.