Фото: Фејсбук

Првата група македонски државјани пристигна од Израел

Првата група македонски државјани кои побараа евакуација од територијата на Израел, синоќа пристигнаа на скопскиот аеродром, објави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на социјалните мрежи. Станува збор за осум лица – четири деца и четири возрасни – кои, како дел од поголем организиран транспорт, ја напуштија територијата на Израел и се упатија кон Египет, од каде со авион во сопственост на Владата беа транспортирани до Скопје

-Со ова, станавме една од првите земји во Европа што успешно организираше и реализираше повраток на своите граѓани од зоната на конфликт – наведе Муцунски.

До понеделникот вкупно 28 македонски државјани побараа поддршка за евакуација по ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски тогаш на прес-конференција изјави дека вкупно 28 лица се пријавиле да бидат евакуирани од Израел и оти евакуацијата ќе се врши со владиниот авион. Тогаш најави дека осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје.

-Веднаш по добиените информации за ескалацијата на состојбата на Блискиот исток, Министерството, преку нашата амбасада во Израел отпочна активности за евакуација на наши граѓани. Формиран е и кризен штаб за безбедно извлекување на нашите државјани. Истовремено нашата Амбасада во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и непосредна комуникација со сите наши граѓани – нагласи Муцунски.

Министерот во понеделникот најави дека втората група се очекува да го напушти Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив.

-Со оглед на прекинот со воздушниот сообраќај со Израел, во оваа фаза евакуацијата ќе се реализира со авион во сопственост на Владата кој ќе обезбеди транспорт за првата група државјани кои изразија подготвеност веднаш да ја напуштат територијата на Израел – рече Муцунски на прес-конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот