Првата електронска алка ќе ја носи 79-годишен велешанец – осуден е на три месеци куќен затвор

Во Управата е формирано специјално одделение за електронски надзор. Ако осуденикот го напушти дозволениот периметар или го помести рутерот, алката дава сигнал.

Седумдесет и деветгодишен жител на Велес ќе биде првиот во земјава кој ќе ја издржи казната затвор – дома. Тој наскоро ќе добие електронска алка на ногата со која ќе биде под надзор во текот на тримесечниот куќен затвор, објави „Фокус“.

Од Управата за извршување на санкции потврдиле дека ова е првиот случај во државата со ваков тип на казна.

„Првата пресуда со која е изречен куќен затвор е донесена од страна на Велешкиот суд. Таа се однесува на 79-годишно лице осудено на три месеци куќен затвор. Осудениот побара одложување на извршувањето, но барањето е одбиено, па наскоро ќе почне извршувањето. По изготвување на индивидуална програма од пробациски службеник, ќе биде поставена опремата за електронски надзор“, информираат од Управата.

Велешанецот е осуден за кривично дело по член 190-а став 2 од Кривичниот законик – полово вознемирување.

Во мај годинава, директорот на Управата, Александар Пандов, најави дека електронските алки влегуваат во употреба, со што и во Македонија се воведува системот за издржување казна затвор во домашни услови, под електронски надзор.

Пандов тогаш објасни дека оваа мерка е особено важна поради пренатрупаноста на затворите.

„Во моментот имаме околу 2.300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од установите капацитетите се над 100 проценти исполнети. Алките треба да помогнат да се намали затворската популација“, рече тогаш Пандов.

Тој посочи и дека досега 60 осуденици поднеле барање да ја издржуваат казната со електронски алки. Законот, според него, овозможува оваа мерка да се примени кај три категории лица – стари и изнемоштени осуденици, бремени жени или мајки со мали деца, како и лица со тешки болести или инвалидитет.

Во Управата е формирано специјално одделение за електронски надзор. Ако осуденикот го напушти дозволениот периметар или го помести рутерот, алката дава сигнал.

„Тогаш службите веднаш го контактираат осуденото лице, а ако не одговори, се јавуваат и кај блиско лице назначено од него. Ако и тоа не се јави, реагира полицијата. Верувам дека никој кој ќе добие алка нема да си дозволи да ја злоупотреби“, изјави Пандов, додавајќи дека еден затвореник ја чини државата повеќе од 2.000 денари дневно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот