
Првачињата во Центар за првпат се запишаа електронски, без притисоци и ургенции
Во училиштата се запишуваат многу мал број деца од други општини и само во оние каде што нема доволен упис на деца, за да не се намалува бројот на паралелки и наставен кадар, како што се „Кирил и Методиј“, „Димитар Миладинов“, „11 Октомври“, тврди градоначалникот Горан Герасимовски.
Родителите на идните првачиња во општина Центар за првпат годинава имаа можност електронски да поднесат документи и да ги запишат своите деца во училиште. Овој нов процес поминал успешно и од септември во клупите во центарските училишта ќе седнат 530 првачиња, за 30 помалку отколку лани.
Препорачано
Со електронскиот упис, како што објаснуваат од Општината, се оневозможени ургенции за запишување деца во одредено училиште, затоа што системот тоа не го дозволува. Родителот пополнува пријава и според адресата и постојната реонизација, системот кажува во кое училиште детето треба да се запише и секоја пријава автоматски се испраќа во соодветното училиште.
На прашањето дали тоа значи дека во училиштата не се примаат ученици од другите општини, градоначалникот Горан Герасимовски објаснува дека во градинките има доволно капацитети, но иако приоритетни се децата од Центар, онаму каде што има место, има можност и за деца од други општини. Но во училиштата, како што вели, не е таков случајот.
Во училиштата се запишуваат многу мал број деца од други општини, 10 отсто од тоа што порано се запишувале и само во оние училишта каде што нема доволен упис на деца, за да не се намалува бројот на паралелки и наставен кадар. Станува збор за основните училишта „Кирил и Методиј“, „Димитар Миладинов“, „11 Октомври“. Тука не го вбројуваме „Киро Глигоров“ каде што стриктно можат да се запишат деца според реорганизација. Истото важи и за „Кочо Рацин“, „Песталоци“, „Коле Неделковски“, оние најцентарските училишта – рече Герасимовски на денешниот брифинг со новинарите.
Според него, во населба Буњаковец, каде што се изградени неколку нови згради, има многу млади родители и деца, па се бара начин да се догради и на тој начин да се зголемат капацитетите на училиштето „Песталоци“.
Планираме да почнеме постапка за да се отстрани заштитата на „Песталоци“ за да можеме и тука да ги зголемиме капацитетите. Училиштето е под заштита затоа што е донирано по скопскиот земјотрес, а додека е заштитено, не можеме ни покрив да менуваме, на пример, поради тоа ни беше одбиено барањето за поставување фотоволтаици – објасни градоначалникот на Центар
Герасимовски вели дека според уписите гледаат дали се зголемува или се намалува бројот на деца во одреден регион. На прашањето дали, со оглед на фактот дека на просторот на поранешната фабрика „Треска“ и кај „Холидеј ин“ се градат станбени комплекси, се размислува каде ќе одат во градинка и каде ќе учат тие деца, градоначалникот тврди дека сѐ имаат предвид. Но, посочува дека големиот изграден комплекс „Лимак“ не предизвикал притисок за упис на деца во училиштата „Кочо Рацин“ и „Гоце Делчев“, кои по реорганизација спаѓаат во тој дел.
Летово додека трае училишниот распуст, во сите центарски училишта ќе се направат потребните поправки и реновирања. Што се однесува до ОУ „Кирил и Методиј“, кое се наоѓа во близина на познатата адвокатска уличка, Герасимовски вели дека иако е најстаро училиште во градот, сепак е во одлична кондиција. Училиштето доби нова сала, а следно се планира нова фасада. Во ова училиште годинава аплицирале само пет деца што реонски припаѓаат таму, па поради тоа во него се запишуваат и првачиња од други општини за да се обезбеди минимумот од две одделенија.
Покрај електронското запишување првачиња, како новитети на Општината, на брифингот беше посочен и ГИС порталот и Зелениот регистар, кој е достапен јавно на секој граѓанин, без деск регистрација и е наменет за мапирање и евидентирање на секое дрво во Општина Центар. За секое дрво се објавени основните податоци, вид, големина, состојба и секое е прикажано со фотографија. Досега се обработени околу 10.000 дрвја на територијата на оваа општина, а како што беше речено, системот ќе се надградува и во него ќе се внесат постепено и дрвјата што досега не биле опфатени.
Герасимовски на средби со центарци, карванот „Се гледаме во маало“ тргнува вечерва од Капиштец
Герасимовски, кој на претстојните избори ќе се „бори“ за нов градоначалнички мандат, вели дека во следниот негов мандат Центар ќе добие нова современа зграда, затоа што е недозволиво администрацијата да работи во вакви лоши услови како сега.
Тој посочи дека конечно на повидок е решавање на овој децениски проблем, дека Општината го доби земјиштето во владение, на конкурсот имало одлични идејни решенија, а сега на ред е изготвување проект, со кој ќе се аплицира на јавните повици на Владата.
Особено внимание ќе посветиме на зеленилото, кое се наоѓа во парцелата на општината. До крајот на мандатот сакам да го реализираме проектот, за да бидеме подготвени да аплицираме за подземно паркирање и да ги искористиме средствата. Следниот мој мандат почнуваме со реализирање на проектот – нова општинска зграда – рече градоначалникот.
Тој додаде дека новата општинска зграда ќе има доволно место за подземен паркинг, сала на Советот, а и невладините ќе добијат катче за работа.