Локални избори 2021 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Прв круг од локалните избори 2021: Гласањето мирно, броењето бурно!

Сите најголеми партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците оценија дека извојувале одличен резултат во првиот круг на локалните избори, секоја од нив гледајќи ја својата победа на различен начин. ВМРО-ДПМНЕ, прогласи уверлива победа врз основа на извојуваните победи во првиот круг, СДСМ врз основа на победата во Град Скопје и водството во 20-тина општини, ДУИ победата ја гледа низ призмата на албанскиот електорат, а Алијанса се гордее со победата на својот старо-нов кандидат во Гостивар.

Врз основа на партиските пребројувања ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на изборите во првиот круг во најмалку 18 општини, како и водсвто во вториот круг во повеќе од 20 општини.

Според неофицијалните партиски пребројувања, ВМРО-ДПМНЕ извојувала победа во Илинден (Александар Георгиевски), Јегуновце (Димитар Костадиноски), Карбинци (Виктор Паунов), Сопиште (Стевче Трпков), Прилеп (Борче Јовчески), Неготино (Горан Стојанов), Кавадарци (Митко Јанчев), Могила (Драганчо Саботковски), Новаци (Стевче Стевановски), Градско (Киро Нацков), Петровец (Борче Митевски), Зрновце (Борчо Коцев), Свети Николе (Дејан Владев), Бутел Дарко Костовски, Босилово (Ристо Манчев),

Штип (Иван Јорданов), Велес (Марко Колев)“, Гази Баба Бобан Стефковски, Виница (Миле Петков).

Според Мицкоски, уверливо водство кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ постигнале во Кисела Вода, Кратово, Зелениково, Чешиново-Облешево, Кратово, Ранковце, Радовиш, Конче, Ново Село, Босилово, Гевгелија, Битола, Кичево, Маврово и Ростуше, Брвеница, Аеродром, Чучер Сандево, Ѓорче Петров

Мицкоски рече дека во повеќе од 50 општини, заедно со Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ ќе има мнозинство во советите.

– Ова е победа, но ова е и одговорност. Огромна обврска за нас и да знаете нема да ве изневериме. Драги пријатели, вечерва ќе се радуваме, но нема да славиме – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

СДСМ ги соопшти своите резултати, но го издвои како најголем успех резултатот на својот кандидат за Град Скопје.

– Во Скопје, Петре Шилегов ќе биде нов градоначалник, бидејќи води пред Данела Арсовска, а СДСМ победува во прв круг или води и влегува во водство во втор круг во над 25 општини – изјави Љупчо Николовски, шеф на централниот изборен штаб на СДСМ за локалните избори на прес конференцијата синоќа.

Од другите општини, каде СДСМ има значително водство, Николовски ги наброја Струмица, Делчево, Крушево, Дојран, Кочани, Карпош, Центар, Пробиштип, Шуто Оризари, Пехчево, Демир Капија, Демир Хисар, Маврово и Ростуше, Росоман, Чашка и Старо Нагоричане, меѓу другите.

За Куманово, Долнени, Дебарца и Струга Николовски рече дека кандидатите на СДСМ водат пред тие на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски дека конструира лажна еуфорија со прогласување победи со нецелосни информации.

– Локалните избори секогаш имаат втор круг, затоа кочи Мицко! СДСМ го има најголемиот коалициски капацитет во плуралната историја на Македонија – изјави Николовски на прес-конференција и додаде дека СДСМ ќе освои повеќе општини од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети на завршната прес-конференцијата на партијата по локалните избори изрази задоволство од постигнатите резултати, посочувајќи дека уште во првиот круг ДУИ победила во три општини – Сарај (Блерим Беџети), Липково (Еркан Арифи) и Пласница (Алија Јаоски).

Според него во втор круг одат со голема предност во десетина општини – Тетово, Чаир, Кичево, Струга, Желино, Теарце, Боговиње, Арачиново и Долнени. Исто така и во втор круг кандидатите на СУИ одат во општините Дебар, Чашка, Гостивар и Врапчиште.

–  Покрај на локалните, општинските и централниот штаб, сакам да им заблагодарам и на гласачите кои се определија за духот на зелената агенда на животот на ДУИ која беше претставена пред избирачите. Како што секогаш сме биле победници и во овој важен процес за локална самоуправа излеговме како победници – изјави Али Ахмети на прес-конференцијата.

Тој истакна дека ДУИ во албанскиот политички блок има повеќе гласови од опонентите за Советите во Гази Баба, Бутел, Шуто Оризари, Битола, Охрид и Чучер Сандево.

Актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, кандидат од коалицијата Алијанса на Албанците-Алтернатива, поддржен и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, прогласи победа во првиот круг на локалните избори.

– Победуваме во прв груг со 55 осто освоени гласови, односно 16 илјади гласови од вкупно 31 илјади гласови на избирачи. Се надеваме дека ДУИ нема да направи некој криминал во општинската изборна комисија. Со сите записници ова се гласовите што се регистрирани. Им честитам на сите гостиварчани што го направија овој избор. Ние имаме уште еден мандат добиен во првиот круг, изјави Таравари.

Според податоците на ДИК,, од обработени 94,84 отсото од гласовите, вкупната излезност на изборите изнезувала 48,99 отсто. Во Општина Центар Жупа изборите се поништени поради недоволна излезност од 25,6 отсто, со оглед на тоа што според Изборниот законик минималната излезност за изборите во една општина да бидат важечки е 33 отсто од впишаните гласачи. Најголема излезност има во Македонаки Брод – 73,29 отсот од избирачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!