
Пругата од Ѓуешево кон Деве Баир е само на хартија, Бугарија очекува помош од Брисел за Коридорот 8
На 16 октомври во Брисел е најавена средба на ниво на заменици-министри и претставници на Европската комисија на која ќе се разговара за сите сегашни и идни активности за реализација на Коридорот 8 од двете страни на границата, објави бугарската агенција БГНЕС повикувајќи се на извори од бугарското Министерство за транспорт.
Препорачано
Агенцијата ги коментира како лаги изјавите на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Александар Николоски дека досега пропаднале четири средби на кои учествувале и претставници од двете соседни земји во Брисел во врска со стратешката инфраструктура.
Бугарското министерство за транспорт ги демантира тврдењата на Николоски дека Бугарија нема план за развој на Коридорот 8, конкретно за делницата од Ѓуешево до Деве Баир и границата, но срочениот проект покажува дека од бугарска страна пред крајот на 2026, кога е предвидено да заврши експропријацијата на земјиштето и распишувањето на тендерот за изведувач на терен нема да започне изградбата на пругата до македонска граница.
„Делот од станицата Ѓуешево до влезот на прекуграничниот тунел Деве Баир е вклучен за реализација во текот на тековниот програмски период од Програмата за транспортна поврзаност 2021-2027 година. Индикативната вредност за изградба на железничката врска што недостасува е 65 милиони лева, кои се предвидени за финансирање од програмата, а проектот мора да биде завршен до 2030 година. До крајот на 2024 година претстои изготвување на технички проект за станицата Ѓуешево до влезот во тунелот, а административните процедури со заинтересираните институции според распоредот треба да се завршат до средината на 2025 година. До крајот на 2026 година ќе завршат постапките за експропријација и одржувањето на јавен тендер за избор на изведувач. Во моментов се изготвени технички пасоши на постојните станици и меѓустаници кои се опфатени во рамки на проектот; катастарски планови и регистри; ажурирана анализа на трошоци и придобивки; технички проект за елементите на железничката инфраструктура, технички спецификации и апликации, изготвени и одобрени катастарски планови и катастарски регистри; геодетски елаборат и инженерско-геолошки елаборат и изготвена стратегија за имплементација на градба. Во моментов во тек е техничко проектирање и изработка на распоредни планови, при што приоритет се развива на делницата од станицата Ѓуешево до влезот во тунелот Деве Баир, велат од бугарското МТС за БГНЕС.
„Слободен печат“ кон крајот на минатиот месец од бугарските власти побара дозвола за снимање на фактичката состојбата околу селото Ѓуешево и тамошната железничка станица каде според мапите завршува пругата кон македонската граница и преминот Деве Баир.
На 25 септември добивме одговор од Министерството за транспорт и врски на Бугарија, конкретно од директорката на Дирекцијата за европска координација и меѓународна соработка, Надежда Бухова:
„Со задоволство ќе ви помогнеме при снимањето на снимката што ја побаравте. Но, сметаме дека во несекојдневната ситуација што настана во комуникацијата меѓу двете земји, а особено во однос на изградбата на Коридорот 8, поцелисходно е да се одложи развојот на темата за напредокот на нашата земја. Се надеваме дека наскоро ќе биде обновен дијалогот за изградба на Коридорот 8 и ќе можеме на вашите медиуми и гледачи да им го претставиме напредокот на Бугарија во овој проект“, одговори Бухова на барањето од „Слободен печат“ кое од нејзина страна е препратено и до соодветни служби во бугарското МНР.
На наше инсистирање за тоа колку е важно пред македонската јавност да ја прикажеме фактичката состојба со градбата на железничката пруга од двете страни на македонско-бугарската граница, не добивме потврден одговор со дозвола за снимање на темата на бугарска територија.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски на средбата со српскиот колега Милош Вучевиќ во Скопје го потврди состанокот во Брисел за Коридорот 8, но ги потенцираше инфраструктурните проекти со Србија во делот на патната инфраструктура, гасификацијата и брзата железница од Коридорот 10, односно од Солун, преку Скопје до Белград и Будимпешта. Од друга страна Коридорот 8 кој се протега од Јадранското Море во Албанија до Црно Море во Бугарија е клучна логистичка рута на јужното крило на НАТО и Брисел инсистира да се продолжат планираните проекти долж овој коридор.
– Првите две фази од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка се во фаза на завршување или се градат и останува само делот од третата фаза кој се протега од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир со Бугарија. Ова се регионални проекти, ние не можеме да потрошиме пари на граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници за пруга којашто ќе заврши на пола тунел во слепа улица. И затоа сега ќе има дијалог на високо ниво во Брисел каде што ќе дојдат и од бугарска страна и од наша страна луѓе и ќе разговараме каква иднина има овој проект, но тоа останува наш приоритет и понатаму“, порача Мицкоски.