
Протест на здружението „Ангели на патот“: Нема правда за жртвите во сообраќајот во Бугарија
Мајки, татковци, браќа, сестри и блиски роднини на загинати млади лица во сообраќајни несреќи во Бугарија пред една година ја формираа Фондацијата „Ангели на патот“ со цел да дејствуваат врз системот во Бугарија за постапките за кривичните дела во сообраќајот да се процесуираат побрзо, делата да не останат неказнети и казните за несреќите на патиштата со смртни последици да се изрекуваат што е можно побрзо, како и за поголема безбедноста на патиштата за да не страдаат невини жртви.
Препорачано
-Сите овие родители се обединија во нашата тага за да се постигнат законски измени и да им помогнат на другите родители да се справат со нивната мака – нагласи Петја Иванова, основач на Здружението и мајка на загинато момче во сообраќајна несреќа, во февруари минатата година на основањето на ова здружение на граѓани каде гости беа и тогашниот министер за внатрешни работи Калин Стојанов, градоначалникот на Софија Васил Терзиев, пратеници, претставници на судството и други.
-Треба да е кривично дело со умисла кога има смрт на патот предизвикана со присуство на алкохол или дрога, или убиство на пешачки премин или со прекумерна брзина – нагласи во таа прилика тогашниот министер Стојанов и додаде дека бугарското МВР во тој период направило мали, но сигурни чекори на патот кон „победата во војната на патиштата“.
Според статистиката презентирана во таа прилика, во последните четири години (2020-2023) во Софија се случиле 2.300 сообраќајни несреќи, со средна или тешка телесна повреда или смрт.
Протест против судија кој заштитил пијан возач
Здружението во вторникот на 4 февруари, започна протест пред зградата на Врховниот судски совет во Софија, а потоа беа на средба со членовите на Судскиот колегиум при ВСС.
„Претседателката на судискиот совет – Галина Захарова – претседател на Врховниот касационен суд, прецизираше дека средбата била неформална поради отсуство на дел од членовите на СС поради болест и отсуство. Таа го привлече вниманието на фактот дека претставниците на здружението „Ангели на пат“ поставуваат на дискусија важни прашања за правдата во Бугарија. Главниот проблем, според неа, е трендот што со години е воспоставен кај нас на потценување на правата на жртвите и нивните роднини“, објави Здружението на својот фејсбук-профил.
Според истата објава претставниците на Здружението нагласиле дека сакаат „да се зајакнат репресивните мерки против возачите кои користеле алкохол и дрога, како и сите институции во државата да го направат тоа што е потребно, заедно да ги заштитат животите на бугарските деца“. Според нив, во бугарските судови треба да има унифицирано разбирање и пракса во случаите на предизвикување смрт во сообраќајни несреќи поради употреба на алкохол и дрога.
Нинела Варбанова сподели дека Здружението се бори за она што одамна е практика во другите земји – одземање на моторни возила во овие несреќи во случаи на предизвикување смрт на пат. Таа посочи дека идејата за превенција е тешко остварлива кога расте функционалната неписменост кај Бугарите. Според неа, негативно ќе се одрази воведувањето на европскиот модел за право на возење на 17-годишници.
Непосреден повод за овој протест пред Судската палата и приемот во Судскиот совет беше конкретниот судија Мирослав Петров од Окружниот суд во Софија. Овој судија одбил да му го одземе автомобилот на пијаниот новинар Ивајло Ноизи Цветков. Петров се пожали на притисоци и побара заштита од Врховниот судски совет.
Здружението „Ангели на патот“ испрати став до сите државни институции во кој се наведува дека со својата одлука судијата го засилува чувството на неказнивост кај пијаните и дрогирани возачи кои вршат убиства на пат. Контактирале со обвинителството, но тие одбиле да истражат.
Пред почетокот на состанокот со повисоките судии, пред зградата на Врховниот судски совет родителите во црнина поставија портрети од своите деца кои загинаа на патиштата низ Бугарија во страотни сообраќајни несреќи.
Мајките од Здружението утрово во емисија на бугарската телевизија зборуваа за неказнивоста и пропустите на правосудството во Бугарија.
„Нема правда во нашата земја, таа недостига. Нормално е во општеството да се шири недоверба во судскиот систем. Бугарскиот правосуден систем и судиите, нивната грижа главно е насочена кон убијците. Нема грижа за повредените и жртвите. Таквата правда нè убива нас како родители, и не само нас, туку и сите околу нас“, рече Николина Петрова, мајка на млада жртва во сообраќајот.
Нинела Варбанова истакна дека сите три гранки на власта: законодавна, извршна и судска, се виновни за смртните случаи секој ден.
„Масовно, кога нема алкохол или дрога во крвта на убијците на патиштата, тие изрекуваат условни казни. Условната казна во Бугарија е еуфемизам за нивно ослободување. Тоа не носи никаква одговорност. После тоа нема контрола што се случува со лицата осудени на условна казна“, посочи таа.
Редовни протести на Здружението „Ангели на патот“
Голем протест во центарот на Софија до Судската палата Здружението „Ангели на патот“ одржа во мај минатата година под мотото „Стоп за беззаконието на патиштата“ и беше поддржано од други бугарски здруженија како „Европскиот центар за транспортни политики“, Националниот такси сојуз, Бугарската асоцијација на ресторани, здружението на ресторани во Бугарија.
„Протестот е главно за беснеењето по патиштата, како што гледаме, секој ден има луѓе убиени на патиштата. Политичарите одбиваат да ги земат работите во свои раце и да го спречат ова лудило, тие одбиваат, кога ќе се качи во возило пијан, кога ќе биде издрогиран и кога ќе стапне на гас до даска – да сноси одговорност за убиството што го изврши врз 14-годишниот Филип во центарот на Софија, затоа протестираме“, изјави Петја Иванова од здружението „Ангели на пат“.
Филип е 14-годишно момче кое беше прегазен на пешачки премин во септември 2023 година во Софија. Обвинетиот возач е Петар Тодоров, кој според вештаците возел со околу 88 километри на час – 50 километри на час над дозволената граница, а примерокот од крвта покажал над 2 промили алкохол. Случајот со месеци остана заглавен во судот, а родителите на загинатото дете се во незвесност кога ќе продолжи судскиот процес кој постојано се одложува.
„Работите како да одат наназад – целата државна администрација работи на тоа криминалците и убијците да не се чувствуваат лошо. Се уништуваат траги од местата на злосторството, се одолговлекуваат истрагите, максимално се одолговлекува и самиот судски случај“, рече Красимир Арсов, татко на Филип, разочаран што судот уште еднаш го одложи судскиот процес.
„Очекуваме случајот да продолжи денеска, да се расветлат сите околности и убиецот на Филип конечно да добие заслужена казна, која ќе послужи како пречка за сите оние кои ќе седнат зад воланот по употреба на алкохол или дрога и возат агресивно со голема брзина“, коментираше Николина Петкова, мајката на Филип.
Демонстрантите на протестите на кои бараат правда за Филип држат плакати на кои пишува: „Доживотен затвор за убиства на патиштата!“, „Безбедноста на патиштата да стане државна политика!“, „Пијани и дрогирани убијци на пат – доживотен затвор!“, „Бугарија нема деца за убивање“ и „До кога ќе бидат на слобода убијците на нашите деца?!“.
Членовите на здружението „Ангели на патот“ од Софија не се откажуваат од протестите и од средбите со надлежните органи од извршната, законодавната и судската власт на кои бараат правда за прерано згаснатите животи на нивните деца, но и системски промени за да не се зацрнуваат и други семејства поради несовесни учесници на сообраќајот и загрозување на безбедноста на граѓаните.