Пропаѓањето на „масовното прислушување“ за почеток ќе нè чини над 5 милиони денари

Повеќе од пет милиони денари трошоци поради застарувањето на масовното прислушување досега пресметал Кривичниот суд, откако со контроверзните измени на Кривичниот законик застаре главниот предмет што го водеше поранешното Специјално јавно обвинителство, за кој Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, првично беше осуден на 12 години затвор.

Сепак, овие трошоци што досега ги пресметал Кривичниот суд не се правосилни и се однесуваат само на „застапување“, односно трошоците што ги потрошиле обвинетите за плаќање адвокати.

– Што се однесува до трошоците пресметани за постапката поврзана со предметот, во јавноста познат како „Таргет-тврдина“, решенијата се изработуваат и ќе бидат дополнително доставени на странките. Имајќи го предвид јавниот интерес за предметот, ве известуваме дека пресметаните трошоци според сè уште неправосилните решенија се над 5.200.000 денари. Секако, по достава и по правосилност на решенијата, ќе може да извршите увид во поединечните решенија – велат од Кривичниот суд за „Слободен печат“.

Ова не се конечни трошоци, со оглед на тоа што странките во постапката имаат право на жалба на овие решенија. Оттаму не прецизираат колку адвокати на обвинетите и за што поднеле барање за трошоци, тоа ќе се знае кога решенијата ќе бидат правосилни.

Според првичниот обвинителен акт, преку три системи за следење на комуникациите во Управата за безбедност и контраразузнавање, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби, односно директно или индиректно биле прислушувани околу 20 илјади граѓани, меѓу кои новинари. Сега тие правдата ја бараат пред Граѓанскиот суд. Дел од новинарите кои беа прислушувани ја тужат државата, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност како следбеник на УБК.

– Со оглед на фактот дека настапи застареност во кривичниот предмет, оштетените, меѓу кои и новинарите, поднесоа тужба до Граѓанскиот суд со кои бараат штетата да им биде надоместена во парнична постапка. Тужени во таа постапка се државата, МВР и АНБ како правен следбеник на УБК, а основа е надомест на нематеријална штета поради повреда на правото на приватност и тајноста на преписката – вели за „Слободен печат“ адвокатот кој застапува дел од новинарите, Филип Медарски.

Неговата адвокатска канцеларија застапува 49 новинари, а постапката е во фаза на главна расправа пред првостепениот суд. Следното рочиште е закажано на 20 јануари следната година.

Пред една година Кривичниот суд донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот „Таргет“ за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Марија Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување поради настапено застарување.

Обвинителката што го води предметот, Ленче Ристоска тогаш објасни дека по однос на точка 1 и 2 од обвинението има основа за примена на поблаг закон, а тоа се измените на КЗ, кои „урнаа“ голем дел од предметите што се водеа против високи функционери.

– Со точка 1 од обвинението за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков и Надица Николиќ им се става на товар кривично дело злосторничко здружување, додека за Владимир Варелов, Васил Исаковски и Маријан Шумуликоски од став 2. Согласно измените, намалени се казните на кривичното дело злосторничко здружување, па така предвидени се казни до три и до две години. Со став 2 од обвинението, на обвинетите им се става на товар дека со злоупотреба на службена положба и овластување потешко ги повредиле уставно загарантираните права, па преку злоупотреба на системите за комуникација без судска наредба овозможиле следење. Со измените највисоката запретена казна за ова дело е до три години. Сметам дека има основа за примена на поблаг закон, а тоа се измените на КЗ и предлагам судот да донесе соодветна одлука – предложи тогаш обвинителката, а Кривичниот суд го прифати овој предлог.

Со епилогот од овој случај, незаконското прислушување остана без кривична разрешница, а во моментов уште не е застарен делот од предметот „Тврдина“ кој се однесува на уништување на опремата за прислушување. За ова дело се уште им се суди на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, потоа на Тони Јакимовски, додека во бегство се Никола Бошкоски и Горан Грујевски, но и за овој дел од предметот се заканува застареност.

Ристоска тогаш порача дека како општество допрва ќе ги почувствуваме штетите од измените на Кривичниот законик.

– Финансиските импликации што ќе ги предизвика овој предмет врз Буџетот на државата не се воопшто занемарливи. Ги вклучуваат сите надоместоци што треба да им бидат обезбедени на лицата кои биле незаконски прислушувани за повреда на правата. Впрочем, нивните права биле повредени со незаконското прислушување и сега државата по принципот на објективна одговорност е таа која што треба да ги обесштети овие лица, односно товарот да падне на буџетот на државата и нема да има како државата потоа да биде обесштетена од лицата коишто навистина се одговорни директно за прекршување на правата на граѓаните – рече тогаш Ристоска.

Судскиот процес за овој предмет почна на крајот од 2017 година против 11 лица. Одржани беа 53 рочишта, сослушани беа 123 сведоци, 200 оштетени лица и 887 материјални докази.

Со првичната пресуда, обвинетите беа осудени на затворски казни, но Апелацискиот суд го врати случајот на повторно судење. Се судеше од почеток, а потоа следуваа измените на Кривичниот законик.

Со донесувањето на измените на Кривичниот законик кои се изгласаа во септември минатата година, пропаднаа случаите ТНТ, Трезор, Тарифа, Дизајн, Топлик, Титаник, Тендери, Титаник 2, Траекторија, Шпански скали, Таргет/Тврдина, Предмет за Стевчо Јакимовски, случаи кои се водеа против поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот