
Промоција: „Опстој со неспокој“, нова книга на Мендо Димовски
Новинарот Мендо Димовски неколку години континуирано објавува колумни во „Слободен печат“ и се афирмира со својата посебност во стилот и исказот на ставовите за актуелните збиднувања во општеството. Тој стана препозанатлив и со родољубивата поезија преточена во четирите стихозбирки: „Трепети и немири“, „Рој беспокој“, „Гласот на земјата“ и „На врвот на умот“.
Препорачано
Својата загригриженост за опстојот на татковината ја искажа и во новата стихозбирка „Опстој со неспокој“ што деновиве излезе од печат. Оваа книга всушност е негова поетска приказна за Македонија од нејзиното раѓање, развојот и опстојот во овие турболентни времиња.
„Сè во овој најнов поетски ракопис „Опстој со неспокој“ од Мендо Димовски е исполнето со тревожни звуци и со далечни трепети, со подземен вриеж и надземен крик разлеан во болки и таги „кој ни ја зема татковината“, и, уште што ќе им оставиме на потомците. Овој постојан страв што го открива авторот во своите песни не е ништо друго туку чемер и јад, жива рана што непрестајно (катаден и катаноќ) рие, рика и предупредува дека “татковината колку што се брани со убавина“ триж повеќе се брани со срце и со ум, со храброст и стаменост до судниот (ни) ден“, истакнува, покрај другото, рецензентот Мишо Китаноски.
Авторот метафорично и се обраќа на земјата/татковината и поставува прашања чии одговори и тој, но и ние ги знаеме: „Се чудам што си толку завиена / занесена, понесена и опиена / со каков превез си прекриена и оставена како чаша испиена?! Од каков зол дух си напоена / измамена, занемена и задоена / од кого си раздвоена и раслоена/ кој повторно те мами и маѓосува / кој те краде, те граби и разнeсува?!“
Книгата ќе биде промовирана на 7 октомври (вторник) во 11 часот во Домот на АРМ во Скопје.